Руски шпиони и екстремно левичарски групи помагаат на криумчари за да ја преплават Европа со нелегални мигранти, тврди бугарскиот министер за внатрешни работи
Руски шпиони и радикално левичарски хуманитарни организации соработуваат со криумчари на луѓе за да ја преплават Европа со нелегални мигранти, пишува британскиот весник The Times, повикувајќи се на изјави од бугарскиот министер за внатрешни работи, Даниел Митов, пренесува БНР.
Митов изјави дека бугарската влада поседува докази дека руската надворешна разузнавачка служба има директни врски со криминални банди кои ја олеснуваат нелегалната миграција во Европската унија. Според него, руските агенти им помагаат на криумчарите да ги откријат слабостите на надворешните граници на ЕУ, вклучувајќи ја и границата меѓу Бугарија и Турција. Тие, наводно, им даваат упатства на мигрантите како да го искористат азилниот систем на ЕУ и Обединетото Кралство и да избегнат депортација.
Митов додаде дека некои невладини организации соработуваат со шверцерите „под идеолошка маска“, што дополнително ја усложнува борбата со нелегалната миграција.
Британската министерка за внатрешни работи, Ивет Купер, изјави дека тврдењата на Митов укажуваат на сериозните закани што доаѓаат од непријателски држави како Русија.
„Јасно е дека нелегалната миграција во Европа и надвор од неа не е поттикната само од организирани криминални мрежи што бараат профит, туку и од државни актери кои сакаат да ја дестабилизираат Европа,“ рече Купер.
Таа нагласи дека заканата е реална, растечка и мошне сериозна, и дека е неопходно да се прошири и засили меѓународната соработка.
„Затоа, Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува Бугарија и другите сојузници од НАТО во заштитата на надворешните граници на Европа и во спречувањето на сите форми на закани што доаѓаат од режимот на Путин. Ова вклучува обезбедување специјализирана опрема, разузнавачки информации и обука за бугарските безбедносни сили,“ додаде Купер.
Бугарија ќе биде меѓу европските земји што ќе учествуваат на самитот во Лондон, организиран од британскиот премиер Киер Стармер во среда, каде ќе се разговара за засилување на соработката во борбата против нелегалната миграција преку Западен Балкан — еден од главните патишта кон Европската унија.

