| |

Кој е овде луд?

Пишува: Ели Секуловска

Деновите, после враќањето на премиерот Мицковки од Брисел, македонските медиуми ја пренесоа неговата изјава дека на европејците им укажал за неопходноста, Европскиот Парламент да изгласа Резолуција со која ќе се докажело многувековното постоење на македонската нација!

Изненадувачки е што досега никој во Северна Македонија не реагираше на оваа глупост! Дали некогаш сте чуле за некоја земја, членка на Европската Унија да бара од Парламентот потврда за „многувековно“ постоење на еден народ ? На пример Финците или Швеѓаните? Сигурна сум дека не сте чуле.

Се прашувам, какво е тоа лудило некој премиер да бара од 27 земји членки на Европската Унија да докажуваат дека Македонците се најстар народ и дека постоеле многу векови? Дотолку што, од поблиската историја, (не мора да одиме подалку), ни е добро познато дека населението од овие простори било постојано подложено на флуктуација. Денешната демографска слика, според составот и етничката определба на населението, во голем процент се разликува со демогрaфската слика од пред 100 години!
Додека Северна Македонија се соочува со сериозни проблеми, како што се алармантата загаденост на воздухот, ( Скопје е на прво место во Европа) и фрапантниот пораст на смртноста кај доенчињата ( во последните шест месеци починале 19 новороденчиња), владејачките касти поднесуваат платформи за некакви си црвени линии за зачувување на македонскиот идентитет и трошат огромно количество на енергија за да докажат дека Македонците се нуклеус на Земјата!

Медиумските пак, инструменти кои известуваат под диктат, градат фантазми, да кажеме со Лаканов стил или фантазии со фројдовски речник. Парадигмата на зомбиевскиот филм во континуитет и без престан, во својата исчашеност ни сугерира дека треба да се вклопиме во колективното НИЕ ( читај колкетивен македонски идентитет), а сето тоа имлицира недостаток на индивидуална слобода, испразнетост, која секој поединец го чини само еден пешак повеќе, скитик во големото тоталитарно ништо.
По теркот на градењето на култот на личност за Тито, пропагандата медиумска машинерија, деновиве, во прв план известува за анализите на македонските институти, дека Мицковски, кој најверојатно доживува блажени екстази на светец, имал досега невиден висок рејтинг кај мнозинството од народот!

Тоа се вика харизматичен водач. А политологијата не учи дека харизматичните власти се нестабилни затоа што потекнуваат од колективната хистерија. Тие набрзо се менуваат со рационално – легитимни власти, кои за жал, во Северна Македонија – не постојат. Дотолку што колективната состојба на свест не дозволува избор на нормално, туку од политичарот кој е избран, се очекува барем минимум да негува некој вид на теории на завера затоа што македонскиот идентитет во последните триесет години ја достигна неизбежната компонента на параноја.
Стандардите на јавниот говор се толку многу спуштени, што секој обид за понатамошен вид на расправа би бил бесмислен. А без дебата или расправа , се губат и демократските вредности и начела. Тогаш, во какво општество живееме? Имаме осиромашен народ, авторитарен владател на чело, и три олигархии: финансиска, медиска и полициско- безбедносна кои се недопирливи, без разлика на тоа како ротира промената на партиите. . Законодавната, извршната и судската власт се три во едно, спуштени на ниво на мангуплук и мафија.

На целата оваа провинциска иконографија која личи како движење на малоумни процесии , ( имате привид дека нешто се движи, но се стои во место затоа што само така така функционираат тоталитарните режими ), може да се додадат и југо – комунистичко- партизанските проповеди, црковните литургии, панегирици и мистичното сељанкање на народот.
Како сублимат од погоре изнесеното, се наметнува прашањето: Како сето ова може да се спои и да се сврзе со некаков си демократски процес?
Не знам.
Најверојатно по пат на хипокризија.

Процесот на делумна демократизација на општеството кој навидум започна по падот на титовиот режим, не навлезе длабоко во ниту една сфера од општественото живеење. Имате централизација на моќ која се уште е во рацете на неколку луѓе, а истата остана недопрена. Воедно, се ограничуваат индивидуалните права и слободи, а следствено на тоа и понатаму се казнува за идеи, публикации, мисли и непосакувани истражувања со помош на „благите“ репресии – отпуштање од работа и егзистенцијална уцена. Сето ова укажува на една нефлексибилна демократија која е изградена врз база на потполна униформираност на погледите на сите нивоа. Воедно, не постојат механизми за нормален дијалог помеѓу чинителите на општеството кои размислуваат поинаку.
Ситемот во кој политичкото, и не само политичкото туку и секое друго дисидентсво се‘ уште се прогонува, не може да биде траен и стабилен, Тоа не е знак на сила, туку на слабост. Денес е сосема недозволиво за една држава, аспсирант за членство во Европската Унија, разликите на идеолошки,етнички или други основи, како и правата на малцинствата, да се толкуваат како некакви аномалии или диверзии. Да не го заборавиме и најважниот принцип на демократијата – а тоа е правото на малцинството ( по било која основа) да ја брани својата позиција на толкување на работите.

Секоја тендеција насочена кон општествените институции, групи или организции, без оглед на идеолошкиот, општествениот или политичкиот предзнак, да ги придобие кон себе, да ги стави под владеење, на економската или политичка олигархија и „елита“, општествениот или политички ентитет, национални или транснационлани институции, претставува тоталитарна тенденција, а таквите општества и нивните држави се тоталитарни општества и држави. Тоталитаризмот е магловит, формален, неисторичен и неодреден. Истиот не ги признава индивидуалните права, како и правата на малцинските групи, без разлика на нивната политичка, национална , верска или друга ориентација. Тоталитарниот режим не е поврзан со идеолошка или политичка нијанса; може да се појави и кај навидум демократските општества и држави, што е случај со Северна Македонија.
Следствено на тоа, одржувањето на тоталитарниот режим на владеење, континуирано ја соочува државата со низа проблеми како на надворешен, така и на внатрешен план. Тоа ја наметнува потребата од итна реформација, а сето тоа е незамисливо без слободна дискусија, полемика, размена на идеи и соочување на разни гледишта.

Последиците на таквите реформи би биле богати и важни затоа што тоа би довело до низа на освежителни и електризирачки ревизии кои би обезбедиле развојна динамика на подолг период. На пример – ревизија на македонската историја! Односот на историјата кон Северна Македонија е заробенички, признавајќи го сето она што им одговара на некоја си самоизбрана елита, а негирајќи го она што не им одговара. Но, најважно е дека таа историска школа би требало да биде исполнета со нешто друго, каде историјата би се разгледувала од поинаква перцепција, од агол на развитокот на човекот како индивидуа .Тогаш би се докажало дека тие два развитоци, државата и индивидуата, во минатото не одеа во пар. Годините кои можеби беа најуспешни за народот, не беа најсреќни за поединецот. Би станало јасно дека тие две развојни етапи не беа идентични, а и се уште не се.

Непроменливоста и одржувањето на стаус кво ситуацијата, диригира пресметките со дисидентите и неистомислениците и денес, да го го задржат истиот формат како и во минатиот режим. За ликвидациите без суд и за дологодишните затворски казни како последица на монтираните судски процеси во времето на титовиот режим, сум пишувала во многу наврати. Но, не сум пишувала за методите на психијатриските пресметки со дисидентите и неистомислениците. Најчесто, жртви на таквите пресметки беа луѓето со истенчен интелект, пред се од Бугарската етничка заедница кои заради својот интергитет, не можеа, а да не рагираат на неправдата како и на нивното систематско и системско уништување. Интелигентните луѓе имат поголема перцептивна моќ, побрзо ја согледуваат големата слика и понекогаш знаат да реагираат импулсивно, што за еден просечен ум, коj нема потенцијал за никаква интелектуална егзотика, сето тоа му личи на ненормално.

Оперативците на УДБА кои беа задолжени да „отстранат“ некого од општествено- политичкиот живот, поседуваа списоци на жртви. Седејќи, двајца или тројца на маса по градските кафеани, лесно ги штиклираа имињата на жртвите и одредуваа – кој ќе оди во затвор, кој ќе биде ликвидиран, а кој ќе биде испратен во лудница.
Да се ставаат здрави, слободоумни луѓе во лудница, претставува духовно убиство Луѓето биле задржувани во невропсихијатриските болници понекогаш без никаква дијагноза. Во некои случаеви, пак,со помош на сервилните невропсихијатри кои не се грижеле многу за Хипократовата заклетва, на жртвите им биле препишувани дијагнози кои немале врска со здравиот разум, а според кажувањата, некои сосема здрави и психички стабилни луѓе биле лекувани со медикаментозна терапија, а можеби и со други инванзивни методи. За тоа, какво било лекувањето, и какви методи се применувале,треба многу отворено да се дискутира и да се каже вистината. Затоа е неопходно да се отворат архивите на УДБа и КОС.

Медицинското досие од поликлиниките или болниците, кое би требало да биде тајна, истото им било лесно достапно на секој повисок службеник .Тоа се случувало и со потврдите, формуларите за здравствената состојба со попис на сите болести кои исто така им биле лесно достапни на тогашните високи чинители од општественото живеење.
Речиси во сите земји на светот, двата вида на професии – медицинската и правната не спаѓаат во категоријата на државни служби и истите не се поклопуваат со државниот систем. Лекарите и адвокатите се тие кои треба да ги штитат интересите на пациентите и клиентите, а не интересите на државната власт. Притоа, тие треба да го почитуваат и светитот принцип за професионална тајна. Но, тоа не било така. Сметам дека и денес ништо не се променило од тоа време.

Во континуитет и сега, оние поединци кои не се вклопуваат во колективното НИЕ и кои не ги прифаќаат наметнатите стандарди на општественото живеење а истите се ужасно ниски, се‘ уште се етикетираат како луди и не се прифатени од средината во која живеат.
Можат да се употребат и сложат многу зборови, но сите тие ќе бидат само замена која не може да означи она што никогаш не може да се означи или објави со помош на зборови. Во тоа се состои сигурноста на пеколот, неискажан и таен кој е заштитен од говор, а истиот постои и не може да се појави во новините, не може да продре во јавноста и не може со ниту еден збор да стане предмет на критичкото спознание . Именките „подземје“, „подрум“, „дебели зидови“, „нечујност“, „заборав“ , „безнадежност“, означуваат само слаб симбол . Без разлика што не постојат зборови да се опише пеколот што го проживеаа жртвите на мрачниот титов режим, сепак сметам дека треба да се изнајде начин за да се каже. Но, заради ограниченост на интелкт што повлекува и егоманијакалност за владеење на политичките касти, најверојатно сето тоа ќе се преќутува, а ние ќе го живееме продолжнието на пеколот. Впорчем, како што би рекол Достоевски – кога ниската свест ќе ги зарие ноктите во човековото месо, не пушта, па не пушта.



Слични Објави