КОЈ ПРВ ПОЧНА ММЕ, ДПМНЕ ИЛИ СДСМ?
„Македонија е единствена држава во Европа која што има политички затвореници, жртви на прогонот на Заев“. Ова почитувани граѓани е денешниот наслов на соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Од насловот се добива впечаток дека во нашава земја ако не си со позицијата, туку си од спротивната страна на таборот, ако си земеш за право јавно да „прпаш“, кога-тогаш власта ќе те „зачука“ во зандани. Од тука доколку се водиме од соопштението на најголемата опозициска партија ( читај овде) се доаѓа до заклучокот дека ако „неправедно“ заврши било кој нас во затвор, ќе имаме и закани по нашиот живот.
Ајде сега да се вратиме малку наназад. Се сеќавате ли на Велија Рамковски и на неговото семејство? Се сеќавате ли на А1 телевизија и колку тие беа мегафон на СДСМ? Наеднаш излезе борба против корупцијата и оп Велија се најде осуден на максимална казна од 13 години затвор. Според судот, Рамковски и уште осуммина од осудените, меѓу кои неговиот брат Амди, ќерката Емел и поранешниот управител на А1 Дарко Перушевски, организирале злосторничка група, која перела пари, не плаќала данок и излажала повеќемина доверители. Неговиот брат Амди и ќерката Емел беа осудени на 6 години а неговиот син Хеди Рамковски, беше осуден на 7 годишна казна затвор. Ова нели беа исто така политички затвореници? Или не, демек вие бевте ептен правдни во ваше време. Смешки. Одиме следно…
Верувам дека сите го знаете брат Љубе. И нема како да не го знаете нели, тој е истиот човек кој за време на војната во 2001 година не седеше дома и се криеше под фустанот на жена му, туку одеше на боиштата… Е сега сите исто така се сеќавате како тој беше „скандалозно“ уапсен… Тогаш на Латас устата пена му фаќаше како ВМРО-ДПМНЕ направиле историски чин, како конечно живееме во правда и правна држава… Од другата страна пак Љубе Бошковски имаше своја приказна. Тој упорно тврдеше дека е невин и дека е местенка… Тие си знаат како било најубаво. Ние граѓаните само читавме вести од порталите. Но и ова нешто како да мириса на некаква одмазда- политички прогон, или мене така ми се чини?
За да не пишувам уште реферати ќе го спомнам и сегашниот премиер Зоран Заев и Глобал. И ова ви е некако познато нели? Ако не го аболицираше г-нот Бранко Црвенковски, сите знаеме и тој како ќе завршеше!
Пријатели од ДПМНЕ, што плачете бе? Сигурно не плачете за затворениците, ова ви се бедни потези за привлекување на симпатизери. Вака нема да ја добиете власта. Нема, затоа што граѓаните немаат амнезија. Тука смрди од старт. Имавте 11 години да донесете правда и силен правен систем но вие не го направивте тоа. Па знаете како оди тоа, новите учат од старите. Куќата се гради од темели не од покривот. Тоа значи дека за да исчезнат сите овие неправди, ниту една од вашите политички партии веќе не треба да дојде на власт. Треба да дојдат чесни и праведни луѓе и цигла по цигла од ново треба да ја изградат оваа наша мала напатена земја.
И да можеби за жал Македонија е единствената земја во Европа со политички затвореници. Маката дали се неправедно затворени луѓето останува само на нивниот грб и грбот на нивните семејства. Вие како партија освен соопштение кое се пишува 15 минути не направивте ништо за да ги спасите тие луѓе. И патем Заев ли е крив што судството ни е корумпирано? (ова според вашите тврдења сега, и претходните тврдења на СДСМ кога вие бевте на власт). Криви сте сите. Од 1991 година наваму. Си се знаете, пребројте се. Редно време е сите веќе да одите во навремена или предвремена пензија.
Автор: Елизабета Најдоска Величкова

