Кој за Буча, кој за Белград
Пишува: Никица Корубин
Испразнети од суштина и информации, но со јасна намера за дозволен наратив; медиумски кај нас беа проследени изборите во Црна Гора, во стилот на copy paste новинарство, впрочем како и за речиси сите други настани. Во црно-белата слика: на добри-лоши и млади-стари, беа површно пренесени резултатите од претседателските избори, во кој младиот Милатовиќ го победи стариот Ѓукановиќ; но дали тоа по автоматизам го прави и добар, односно дали е тоа добро за Црна Гора и регионот?
Зависно која е визурата, онаа на српскиот свет или онаа на ЕУ. Формално, денес, сите се за ЕУ, колку декларативно погласни, толку суштински посомнителни. Ама, и формата е дискутабилна, особено политичката и државна форма, на сите кои влегуваат во видокругот на модернизираната хегемонија, со горчлив вкус на црковно-идентитетски диктат, кој неколку години го гледаме во Црна Гора, чиј рецепт, благо изменет, со оглед на последните случувања околу МПЦ-ОА, како да се чувствува и кај нас.
“Милатовиќ е близок до СПЦ која се контролира од Белград. Малку се знае за неговите геополитички намери. Не само во Црна Гора, туку и во ЕУ и во САД, прозападните сили се загрижени дека Црна Гора под Милатовиќ може да дојде под засилено влијани на Србија, но индиректно и на Кремљ”; ги пренесува српски Данас, во својата анализа, ставовите на германските и австриските медиуми. Значи се чини “не е злато се’ што свети”, односно не е баш се’ до младоста и “модерноста”, особено кога регионот е на удар на “два света”, иако едниот во суштина е извршен и директен. И кон Црна Гора, но и кон нас.
И што правиме ние по тоа прашање, особено, затоа што сме во фаза на “голема загриженост” за нашиот македонски идентитет, чија “автентичност” мораме да ја демонстрираме. Само чудна некоја “автентичност” демонстрираме кон дефиницијата на македонското во “српскиот свет”, дали културно наследство, дали историја, дали црква, дали настани. Мултиперспективност, нели.
“Ние” по тоа прашање, не правиме апсолутно ништо, ништо без да го прашаме “светот”, оној истиот што суштински не’ негира и присвојува, а појавно не воздигнува и заштитува. Го штити “името”, ама не за “севкупна употреба” туку за “внатрешна”, внатре во “регионот без граници”. Која идеја, во занес на виното на саемот во Италија, каде овој пат “се прошверцува” Отворен Балкан, произлезе (не)промислено од нас самите. Па, кој ги спречува да ги отворат границите кон Бугарија и Грција, кон Косово, па регионот да биде без граници? Па, секако во ЕУ нема граници. Колку побрзо во ЕУ, толку побрзо без граници. Или за друг регион станува збор?
Инаку, истата анализа на српски Данас, завршува исклучително интересно, за оние кои би требало да ја прочитаат и кај нас. Па, вели австриски Стандард, за црногорскиот премиер во заминување Абазовиќ: “се смета за политичар од лесна категорија, кого Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, на големо го имаат инструментализирано”.
Секој политичар, би требало да биде загрижен од ваков потенцијален опис. И токму затоа, внимателно се бира агендата, на годишнината на масакрот во Буча, дали ќе се биде во Киев, или на продолжена екскурзија Верона виа Белград; особено затоа што членката на НАТО Северна Македонија, е една од ретките земји, ако не и единствена чиј премиер и претседател, се’ уште не ја посетиле Украина. Убаво е да веруваме во случајности, ама поубаво е конечно да се соземеме. Од виното. Како велат in vino veritas. Вистината за нас самите, што сакаме, што правиме и каде одиме? Не декларативно, туку суштински.
