Колективна изложба на ликовни уметници од РС Македонија и Бугарија гостува во Софија
Колективна изложба „Културна дипломатија – Балкански дијалог“ од Република Северна Македонија гостува во Софија по повод 21 мај – Светскиот ден на културната разноликост за дијалог и развој на УНЕСКО. Изложбата ќе биде отворена на 17 мај во 18 часот во галеријата „Мисијата“ во Софија (ул. Алфред Нобел 2), јавува БТА.
Иницијативата е на Државниот културен институт при министерот за надворешни работи на Бугарија, Културна асоцијација ДОБРЕДОЈДЕ (Macedonia Welcome Centre), Културна асоцијација ИКОН, Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Медиумски партнер на настанот е БТА.
Групната изложба беше претставена во Националната галерија на РСМ во Скопје во декември 2021 година, каде што предизвика вистински интерес кај гостите и дипломатите, познавачи на современата уметност.
Изложбата има идеја да стане крстопат во развојот на сликарството меѓу двете соседни земји. Дела на самата изложба ќе претстават седум бугарски уметници: Светлин Русев, Станислав Памукчиев, Ивајло Мирчев, Љубен Генов, Димитар Чолаков, Милко Божков и Роман Кисов и седум македонски уметници: Владимир Георгиевски, Павле Кузманоски, Димитар Малиданов, Жанета Гелевска- Велјановска, Петар Попчев, Никола Иванов – Балтон и Решат Амети. Оваа „средба“ на живописот на 14-те бугарски и македонски современи уметници е всушност импровизирана средба меѓу луѓето, преку која се гради пријателство и дијалог.
Изложбата може да се погледне до 10 јуни во галеријата „Мисијата“ во Софија.