КОЛЕВ: НЕ СУМ СОГЛАСЕН ДРЖАВАТА ДА ПОМАГА ФИРМИ КАКО „БРАКО“ НА АНЃУШЕВ, ДОДЕКА МАЛИОТ И СРЕДНИОТ БИЗНИС ЕДВАЈ СОБИРА ДУША ПОРАДИ КРИЗАТА

„Ако погледнете реално, никој во оваа држава не зборува и особено министерката за финансии не зборува во последниот период од време за занаетчиите, за такси превозниците, за малите компании, коишто имаат 2, 3 или 5 души вработени, коишто душа немаат повеќе, а сега државата ќе истури милиони евра во казина, кладилници, „Брако“ и други огромни компании, што имаат десетици милиони евра печалба и можат слободно да ја издржат оваа криза“, изјави претседателот на ГДУ, Петар Колев, во емисијата „168 Анализи и коментари“ на штипската телевизија Стар.

„Владата нема чувство за таксистите, кои што со едно или две возила се обидуваат да си ги прехранат семејствата. Занаетчиите, луѓето што имаат козметички салони, не тежат на државата. Тие се луѓе коишто сами си создале работа за да не избегаат во странство. Наместо државата да се погрижи за тие луѓе што плаќале даноци, ние ќе го подпомагаме бизнисот на Анѓушев. Јас не сум согласен со тој начин на прераспределување.“, подвлекува Колев.