Компании од 16 држави учествуваат на Inter Drone Expo 2026 во Софија
Компании од 16 држави учествуваат на саемот Inter Drone Expo 2026, кој денеска во „Интер Експо Центар“ во Софија го отвори премиерот Румен Радев. Настанот е организиран од Асоцијацијата на бугарската воздухопловна индустрија (АБАИ) и се одржува под покровителство на премиерот, јавува БТА.
Саемот обединува производители, технолошки компании, државни институции, истражувачки организации и меѓународни партнери.
На отворањето присуствуваа и министерот за иновации и дигитална трансформација Иван Василев, министерот за транспорт и врски Георги Пеев, министерката за труд и социјална политика Наталија Ефремова и министерот за образование и наука Георги В’лчев.
Претседателот на АБАИ, Тодор Иванџиков, посочи дека организацијата работи на развојот на бугарското воздухопловство со и без екипаж. За време на саемот ќе бидат претставени и првите наставни материјали за училиштата од областа на беспилотното воздухопловство, изработени од асоцијацијата.
Според него, дроновите веќе наоѓаат примена во сите индустрии. Тој изјави дека секторот ќе продолжи да соработува со државата за развој на бугарското производство на дронови и системи за спротивставување на беспилотни летала.
Антон Пулијски, претседател на Асоцијацијата „Обединета заедница за дронови“, го оцени саемот како место што ги прикажува постигнатите резултати и создава можности за соработка. Според него, во последните години учесниците во секторот докажале дека можат да ги надминат сопствените очекувања.
Претседателот на Бугарската стопанска комора, Добри Митрев, нагласи дека настанот е можност како за нови партнерства, така и за заедничка работа меѓу индустријата, владата и институциите. Според него, претставеното на саемот е само мал дел од можностите на бугарските и европските технологии.

