КОМПАНИЈАТА „КРАНФИЛД“ ЈА ЗГОЛЕМИ ИНЕСТИЦИЈАТА ПО МЕРКИТЕ ОД ПЛАНОТ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ
Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска во име на Владата на Република Македонија денескa потпиша Анекс на Договорот за доделување на државна помош со компанија „Кранфилд Фаундри“, претставувана од Претседателот Сергеј Кручинин.
Со потпишувањето на овој Анекс на Договoрот, првично планираната инвестиција од 15 милиони евра компанијата ќе ја зголеми на 20 милиони евра и ќе отвори најмалку 100 нови работни места, кои со реализацијата на целиот инвестициски проект ќе достигнат до 280 вработувања. Станува збор за изградба на современа фабрика за леење на железо во индустриската зона Неокази, општина Пробиштип, која ќе работи според највисоките еколошки стандарди и ќе испорачува производи воглавно наменети за автомобилската индустрија.
Министерката Апостолска истакна дека зголемувањето на вредноста на првично планираната инвестиција е најдобар сигнал за позитивните економски промени кои се случуваат во Македонија како резултат на мерките од владиниот План за економски раст.
„ Владата уште еднаш го потврдува својот партнески однос кој го гради кон странските инвеститори и ја демонстрира својата максимална посветеност за отстранување на сите пречки со кои се соочуваат инвеститорите во реализација на нивните проекти во Македонија“, рече министерката Апостолска на потпишувањето.
Од страна на компанијата се реализирани сите подготвителни градежни активности, потпишани се договори со добавувачите за производствениот капацитет, како и за набавка и инсталација на потребната опрема за производство. Дел од машините за производство веќе се увезени во Македонија и од страна на компанијата се договорени првите нарачки со клиентите за испорака на производите.