|

Кондарко: Потребен ни е нов Изборен законик

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, вечерва изјави дека е потребен нов Изборен законик, нагласувајќи дека тоа е одлука на Собранието и политичките партии.

„Од 2006 година па навака, 19 години повеќе од 30 пати се направени измени и дополнувања на Законот. Најголем проблем со кој се соочуваме е всушност самиот закон. Нас ни треба навремено донесен еден комплетно нов Изборен законик, каде што сите чинители во изборниот процес ќе партиципираат и ќе дадат свои предлози, искуства, интерактивна дискусија со стручната јавност. Се разбира крајната одлука е на Собранието, на политичките партии, тоа е нивна одговорност. Знаеме дека Изборниот законик се носи со поширок политички консензус и тоа така треба да биде заради довербата во процесот,“ рече Кондарко во гостувањето на „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Тој изрази жалење што Собранието не ги усвои предложените измени на Изборниот законик:
„Мене многу ми е жал што не се усвоија тие измени кои беа предложени речиси од сите пратенички групи во Собранието. Тие ќе помогнеа не само за оваа прашање, туку и за многу други прашања кои се во интерес на процесот и во интерес на олеснување на работата на ДИК, значи за технички работи. Не се работи за никакви политички прашања што ќе ја подобреа и олеснеа работата на ДИК.“

Кондарко истакна дека независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање потписи:
„Ние во неколку наврати уште на денот на распишување на избори, на јавна седница многу прецизно и недвосмислено ја информиравме јавноста… дека група избирачи ќе можат да учествуваат на изборите со поднесување на свои листи без собирање на потписи. Бидејќи Уставниот суд ги укина одредбите од законот за бројот на потребни потписи, меѓутоа правото предвидено во законот постои. Тоа никој не може да го оспори, ниту ДИК може да одлучува во врска со тоа… Она што го кажавме, тоа и ќе го спроведеме.“

Тој објасни дека е укинат Правилникот за собирање потписи, но Упатството за поднесување на кандидатски листи останува:
„Правилникот за собирање на потписи… го ставивме вон сила, односно го укинавме бидејќи одредбите 61 и 62 се укинати од Уставниот суд… Меѓутоа, Упатството за поднесување на кандидатски листи постои, само тоа ќе биде прецизирано во смисла на директна примена на член 60. ДИК не е законодавец… ДИК има законска обврска да го примени правото дадено во законот, тоа и ќе го сториме.“

Во врска со предвремената кампања, Кондарко нагласи:
„Согласно одредбите од член 69а од Изборниот законик предвремена кампања нема затоа што се уште нема поднесено листи на кандидати, нема учесници во изборната кампања и нема потврдени листи на кандидати. Нема основ против кој да се води некоја постапка… Единствено може да реагира по приговор од учесник во изборна кампања.“

Тој потсети дека ДИК го ажурира Избирачкиот список четири пати годишно:
„Тој е поставен на веб-страната на ДИК. Граѓаните можат онлајн непрекинато да си ги проверуваат своите податоци… Досега не сме имале никакви проблеми со избирачкиот список. Јавниот увид ќе започне 15 дена по распишувањето на избори и ќе трае 20 дена.“

Околу уредите за отпечаток на прст, Кондарко изјави:
„И во минатите изборни циклуси откако е воведен фингер принтот во 2021 година немаше никакви проблеми… Ќе обезбедиме целосна функционална примена.“

За објавувањето на резултатите, тој додаде:
„Брзината на објавувањето на резултатите ќе зависи од брзината на составувањето на записниците во избирачките одбори. Се надевам да нема да има никаков проблем со објавувањето на резултатите.“

Слични Објави