|

ХЕРА: Младите во Северна Македонија соочени со системски предизвици и минимална институционална поддршка

По повод 12 август – Меѓународниот ден на младите, Здружението ХЕРА предупредува дека младите во Северна Македонија и понатаму живеат со висока невработеност, ограничени можности и несигурна иднина. Тие се соочуваат со неквалитетно образование, недостиг на младински пријателски здравствени услуги, корупција и слаба институционална поддршка, што ги поттикнува да ја бараат својата иднина надвор од државата.

Според податоците, 23,7% од младите на возраст 15–29 години не се ниту во образование, ниту во вработување, ниту во обука, што е далеку над европскиот просек, а повеќе од две третини сметаат дека не се вклучени во донесување одлуки. Само 19 општини имаат локални младински совети, а стратегии за млади постојат во седум. Мнозинството млади не се членови на организации и немаат пристап до јавни простори, културни активности и менторска поддршка.

Загрижува и состојбата со менталното здравје, особено кај адолесцентките, каде голем дел пријавуваат психосоматски тегоби и депресивно расположение.

ХЕРА бара од кандидатите за локалните избори програмите да ги изготват во дијалог со младите и да предвидат конкретни мерки: функционални младински совети, буџетски средства за младински политики, достапни јавни простори, програми за вработување и ментално здравје, како и активно учество на младите во креирањето на локалните стратегии.

Според организацијата, иселувањето на младите нема да се реши со патриотски кампањи, туку со долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и услови за живот. Тие апелираат младината да се третира како рамноправен партнер во носењето одлуки, а локалната власт да биде почетната точка за вистински промени.

Слични Објави