|

Кондоми ќе се делат во студентски домови и во „Сити мол“

Тим од млади лекари ќе ги советува сексуално активните лица во државните студентски домови во Скопје и во „Сити мол“ за нивното сексуално и репродуктивно здравје во рамки на одбележувањето на Светската недела на репродуктивно здравје од 13 до 19 февруари.

Под мотото „Сакаш да се мазиме? Ама да се пазиме!“ во студентските домови и во „Сити мол“ ќе се делат презервативи и едукативни материјали за сите сексуално активни лица.

Подготвени се два прашалници за сексуално активните лица од кои едниот е за контрацептивни методи, а другиот за сексуално преносливи инфекции на кои лекарите, во рамки на кампањата, ќе бараат одговори.

Во студентските домови, студентите водени од уметникот Доротеј Нешовски, ќе имаат можност преку креативна работилница да развијат креативни приказни, стрипови, цртежи и пораки преку кои ќе ги пренесат своите размислувања за тоа што за нив подразбира грижа за  нивното сексуално и репродуктивно здравје.

Одбележувањето на Светската недела на репродуктивно здравје почнува денес во студентскиот дом „Гоце Делчев“ од 11 до 15 часот, продолжува утре од 12 до 17 часот во „Сити мол“ и во студентскиот дом „Пелагонија“ од 11 до 15 часот, а на 15 февруари од 11 до 15 часот во студентскиот дом „Стив Наумов“.

Организаторите на одбележувањето, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО во соработка со Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и Македонското лекарско друштво, посочуваат дека во нашата држава, дури 36% од момчињата на 15 годишна возраст, и 3% од девојчињата на 15 години веќе имале сексуално искуство. Во однос на употребата на кондоми, само 20% од девојчињата од албанско етничко потекло кажале дека користеле кондом, за разлика од момчињата Албанци – 62%. Меѓу македонските момчиња, 64% користеле кондом, а 52% од девојчињата. Од младите парови до 29 годишна возраст, само 12,8% користат модерна контрацептивна метода. Стапката на тинејџерска бременост, како и абортуси во оваа возрасна група се неколкупати повисоки од оние на земјите во Европа.

„Заедно може да придонесеме адекватната сексуална и репродуктивна здравствена заштита да стане сечија навика. Зборувањето за сексуално преносливите инфекции и купувањето на кондом не треба да биде срамно. Раното започнување разговор за сексуалното здравје помеѓу младите, родителите, наставниците и здравствените работници е најдобрата стратегија за континуиран процес на образование на младите“, велат организаторите.

Светот во моментов ја има најголемата генерација на млади од 15 до 24 години во историјата на човештвото. Иако адолесцентите се релативно здрави во споредба со другите возрасни групи, сепак се соочуваат со уникатни предизвици кои можат сериозно да влијаат на нивното физичко и ментално здравје во текот на целиот животен тек. Во многу држави низ светот, главни причини за болести и смртност кај адолесцентите се проблемите со сексуалното и репродуктивно здравје.

Организаторите сметаат дека на младите во нашата држава им се потребни лесно достапни услуги за сексуално и репродуктивно здравје, како што се пристапот до соодветни информации, бесплатни контрацептивни методи и бесплатно тестирање и третман на сексуално преносливи инфекции.

Слични Објави