| | |

КОЊСКОТО БЕШЕ РЕЖИМСКИ ОБРОК, БИФТЕКОТ Е ЗА ЕУ И НАТО

Едните се гоштеваа со бизони и коњи, другите со јунешки бифтеци и рамстек…

Едните беа дел од „режим“, а другите го бутнаа истиот тој „режим“ со пенкало.

И едните и другите не се научени наутро да доручкуваат со бурек и јогурт, како што тоа го прават нивните сограѓани.
Избори ни чукаат на вратата драги пријатели. Ваша е одлуката чиви стомаци ќе задоволите овој пат, дали на тие едните режимци или на оние другите што ќе останат запомнени со својот непотизам или пак ќе изненадиме? Ќе дадеме шанса на други кои ќе стават крај на ова расипништво. Искрено, јас сум за други.

Македонија е екстремно богата земја со прилично богати граѓани штом може да си дозволи тони свежо месо за потребите на својата Влада.
Сигурно се работи за некаква грешка во математиките, бидејќи кога можат во Влада да јадат бифтеци и јунешки мускули, сигурно и вработените во Институтот за јавно здравје можат да се пофалат со редовни примања… Не! Не можат. Да се зачуди човек како е можно тоа.

Немојте да мислите дека во Влада не јадат и морски плодови, јадат и тоа со сласт. Јадат и сувомеснато. Јадат тие, јадат оти имаат осетливи стомаци, што не се навикнати на мрсниот бурек и малата чашка јогурт од нашето секојдневие.

Ги разгледував најновите „неостварени желби“ на Службата за општи и заеднички работи на Владата и во списокот не видов компир, за компир манџа. Таа е за нас, простосмртните. Видов јунешко шкембе, изгледа наменето за оние чорби за „пеевче“ за коишто се збореше на големо кога жестоките критичари на режимот од лавови се претворија во мачиња што предат по нарачка.

Што имате за вечера драги пријатели?

Помислете на тоа кога претставниците на претходните и сегашните подстанари во барокната зграда на „Илинденска“ ви заѕвонат на ѕвонче и ви ги понудат своите програми за доброто на Македонија. Прашајте ги на која страна во програмите се рецептите со јунешкиот мускул и морските плодови.

И да не заборавиме, чукаат на врата избори и ние ќе решиме дали коњско, дали бифтеци или пак ќе ставиме крај на ова избирајќи други. Јас сум за други, доста е!

Автор: Атанас Величков

Слични Објави