ЌЕ ГЛАСАТЕ ИЛИ НЕ?

/

Пред некое време на Твитер напишав „Гледам сега колкава е излезноста на различните демографски групи на изборите низ светот. Секаде излегува дека политиката се води според желбите на тие на кои најверојатно тоа им се последните избори. Вие младите само седете си дома и понатаму и ќе биде подобро!“. Искрено сè уште стојам зад напишаното и верувам дека младите треба многу повеќе да се вклучат во демократските процеси. Сепак гледајќи го изборот пред кои нашите млади се ставени и не е толку тешко да се разбере зошто не би излегле на избори.

Гледајќи го „изборното мени“, ми доаѓа помалку незгодно на што всушност ни се сведува изборот, но и покрај тоа сметам дека е подобро да се излезе од колку да се апстинира. Ајде да ги разгледаме опциите што ни се на располагање. 
Едните демек нè носат на прав пат. Ајде нека им е дека нè ставиле на „прав пат“, ама некако ми се чини дека не се движиме воошпто по него. Сè што ветија, излажаа. Повеќе ред имало кај башибозукот отколку кај овие.

Другите пак се одлучија после 11 години од последните 14 поминати на власт да нè „обноват“. Како тие нè преродија минатиот пат, страв ми е да помислам како сега ќе нè обноват. Баш ме интересира каква би била таа обнова. Да не ќе го „враќаат“ случајно името? Или пак обновата значи дека структурата која што можеби е најмногу заслужна за дереџето до кое е дојдена Македонија магично ќе ја обнови економски, културно, политички итн. откако ја дотепаа на секој можен начин до пред некоја година.

Реални трети опции нема на повидок. Формално, на хартија постојат неколку опции десно и лево од центарот поддржувани од големите партии на обратната страна. Дури и ако им се згреши да освојат некој пратеник тие веднаш ќе станат левичарската партија во десничарска власт и обратно. Нивната единствена цел е да откинат колку можат повеќе гласови од другата страна и да се погрижат колку што е можно повеќе гласови од тие што никогаш не би гласале за ВМРО и СДСМ да отидат во ветар.

Како трета опција веќе е смешно и да се набројат сите султан и тендер партии кои мислам дека повеќе не се ни обидуваат да глумат легитимна политичка опција. На сите ни е јасно дека не можат да бидат алтернатива после 20–30 години на политичката сцена.
Кај Албанскиот блок можни се некои промени, но една работа е вечна – ДУИ. Али Ахмети води Амдри Бајрамовска политика – секогаш со тој што е на власт. Додека им се живи и здрави локалните шерифи тие ќе си ги добиваат изборите во нивниот дел. Во албанскиот блок останува само да видиме кој од ДУИ на каква министерска позиција ќе биде.



Анализирајќи ја понудава може логички како легитимна алтернатива да се наметне бојкотот. Не би обвинил никој што би помислил нешто такво, но колку е всушност тоа вистинско решение? Со неизлегување на изборите намерно или ненамерно се игра за една од страните на која што ѝ одговара помала излезност. Дури и да добијат само по 10 000 гласови од најверните партиски војници, ниту една од големите партии нема да се откаже од власта и ќе владее исто како да освоиле 1 милион гласови. Покрај тоа, какво е решението кое го носи апстиненцијата? Колку и да се „лоши“ сите партии, барем имаат некаква понуда. Замислете си дека партиите ви нудат кило измет, а бојкотирачите доаѓаат со празни раце. Од килото измет барем може да се направи ѓубриво и да излезе нешто корисно, додека од ништо нешто да се направи не може.

И така драги мои пак се сведува на тоа дека е најдобро да се гласа. Колку и да сме цинични околу политиката и да мислиме дека сите опции се исти, сепак не се. Да, тие функционираат на истиот принцип, но како владеат и што нудат е до некаде различно.  Гледајте кој што ветува, бидете реални околу тоа што е изводливо од програмата и гласајте за опцијата која што вам лично ви е најблиска до тоа што очекувате. Подобро одлуката за како ќе изгледа наредната влада да биде наша заедничка отколку одлука на неколку групи партиски војници кои гласаат поради ситни лични интереси. Партиите функционираат прагматично. Знаат дека лојалните војници сигурно ќе излезат да гласаат и кога доаѓаат на власт ги штитат само ситните лични интереси на плакатолепачите. Кога тие војничиња ќе станат помал дел од вкупното гласачко тело, фокусот на работата по малку ќе се префрли од нив кон другите гласачи кои пред сè го имаат интересот на општеството на ум кога гласаат. Ако ништо не бива, дадете го својот глас со „нозете“. Илјадници наши сограѓани веќе го дадоа тој глас за оваа опција. Ако веќе оставам некој друг да одлучува за мене, подобро тоа нека биде некој Германец или Американец.

Автор: Стјепан Покупец – Потретседател на Конзерватив МК



Претходна статија

„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ЗА ОСКАР- ГРУЕВСКИ И ЗАЕВ ЗА ЗЛАТНИ МАЛИНКИ

Следна статија

КАРАКАЧАНОВ ВО МАКЕДОНИЈА!!!

Најново од Колумни

Кога идентитетот е бетон

Пишува: Ѓорѓи Трендафилов Вчерашниот фудбалски натпревар меѓу Северна Македонија и Бугарија е одличен настан за крај