Уставни промени или уставни далавери?
Пишува: Никица Корубин
Во очекување на формирање на работната група во Министерството за правда за пишување на “едниот амандман”, чиниш нов устав ќе се пишува, просторот за секакви форми на манипулации, итрини и изигрувања, драстично се зголемува. Па, во тој простор се пласираат секакви, навидум наивни и искрени, а всушност опасни и тенденциозни предлози за уставни измени.
Кои што, во основа само го оддалечуваат фокусот од главното прашање, на кое постојано треба да се навраќаме: дали нашиот политичко/партиско-клановски естаблишмент, позиционен и опозиционен, сака суштинско, базирано на темелни и системски реформи, членство во ЕУ или само глуми дека сака членство во ЕУ? Од одговорот на ова прашање зависи и одговорот на сите “игри и игрички” преоблечени во “предлози за промена на уставот”.
Релативизацијата и обесмислувањето на јавниот дискурс, кој интензивно трае извесно време, а латентно трае многу подолго; има само една цел: анестезирање на граѓаните до точка, и политичко-егзистенцијалните прашања за државата, како што е уставното уредување, да се сведат на површно “а, зошто да не, па што има страшно во хрватскиот модел”?
Страшна е леснотијата со која, преку “викенд предлог” директно се руши темелот на државата, внимателно, мачно и сложено градена 32 години, преку неколку стратешки документи, одразени во уставот, при константни и сеприсутни (авто)опструкции од секаков можен вид. А, исто страшна е леснотијата на молкот од другата “проевропска” страна, ако се исклучи скромната констатација на премиерот дека тој “верува во нашиот македонски модел на уставот”.
Што доведува до прашањето на почетокот, кое постојано треба да го имаме на ум, како лајтмотив на секое политичко поведение деновиве и месециве пред нас. Како непогрешлив тест за констатирање на состојбата: кој сака ЕУ, а кој глуми дека сака ЕУ.
Кога ќе се пристапи кон промена на уставот за влез на Бугарите во истиот, согласно обврските од преговарачката рамка, тоа ќе биде преку внесување во преамбулата на уставот, каде што стои: “Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, …”.
За жал, се добива впечаток дека целата “игра” околу другите етнички заедници, кои ќе влезат во преамбулата на уставот заедно со Бугарите, кој е свечениот и историски дел на уставот, е да бидат искористени како материјал за: оспорување на правото на Бугарите да влезат во делот каде се прикажува историскиот контекст на конституирањето на државноста во 1991 година, како материјал за бласфемична злоупотреба на наративот “фашисти-жртви на исто место”; со крајна цел да се одржи во живот “култот на жртва” односно “високата цена” по која Северна Македонија може да влезе во ЕУ.
Да ве потсетам на прашањето од почетокот: колку вистински сака нашиот естаблишмент (партиски, клановски, политички) во ЕУ?
И таман кога логичното се апсолвира, дека Бугарите и другите можат да влезат единствено во преамбулата, добро е да се знае дека има уште еден член во уставот, каде се споменати сите народи, како етничка одредница, во сосема друг контекст, во “преспанскиот” член 49, каде што се говори за нашите државјани кои живеат или престојуваат во странство: “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.”
Искрено се надевам дека и на оваа обврска, како и на сите останати до сега од Времената спогодба, преку Охридскиот договор, па Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија; нема да и се пристапи во итроманскиот стил: како да ја спроведеме со изигрување. Затоа што ако е тој, добро испробан рецепт за неволно и неискрено спроведување на обврските, со намерно скандализирање и хистеризирање на граѓаните, со матни конструкции и конспирации, оставајќи ја државата после секоја “политичка игранка” етички и политички деградирана; мора да се одговори на прашањето од почетокот: дали нашиот политичко/партиско-клановски естаблишмент, позиционен и опозиционен, сака суштинско, базирано на темелни и системски реформи, членство во ЕУ или само глуми дека сака членство во ЕУ?
И тоа мора да се одговори поединечно, од политичкиот естаблишмент, а всушност во наши услови од партискиот естаблишмент кој извршува политички функции. Затоа што во спротивно, неодоливо личи дека опасната игра, која се игра деновиве, не е игра на натпревар, туку игра на согласност. А, сигурна сум дека никој не сака таква споредба, во фројдовскиот стил на “нарцизмот на малите разлики”, кога станува збор за пристапот кон политичките одлуки на државата, и особено кон “идентитетските прашања”.