| |

Либанизација…

Пишува: Владимир Перев

Либанизацијата како термин кој означува распределба на функциите во државата врз основа на религиозната припадност и припадноста на политичките групи, воедно означува и неспособност да се формира правна и фактичка државност на определена територија. Терминот го носи од средоземноморската држава Либан, каде неколку верски групации, иако со веќе утврдени позиции во системот на државата, не можат да се договорат за избор на највисоките органи на власта, меѓусебно војуваат во верско-елитистички и олигархиски војни, а државата тоне во корупција, инфлација и емиграција, губејќи дел од своето младо и најквалитетно население. Во ограничен обем, под назив “бејрутизација“ (по главниот град на Либан, Бејрут) беше означена, па и сѐ уште се означува состојбата во поделеното Сараево, БиХ.
Либан е со долга и богата историја, но најважното е дека Либан се стекнува со независност во 1943 година, а француските трупи се повлекуваат во 1946 година. Оттогаш, историјата на Либан се одликува со наизменични периоди на политичка стабилност и немири. Така, во 1958 година избива доста сериозна политичка криза во Либан, а во 1975 година започнува граѓанската војна, која трае до 1990 година и во која воено интервенираат и двата соседи на Либан, Сирија и Израел.
Либан е парламентарна демократска република, со конфесионален (верски) систем на владеење-нешто непознато во останатиот свет, барем кај нас во Европа. Религиозните целини се претставени во власта по соодветни квоти. Претседателот на Либан треба да е маронит по религија, што би било нешто како католик-унијат, премиерот да биде сунитски муслиман, заменик премиерот православен христијан, а претседателот на парламентот треба да биде шиитски муслиман.
Во својата книга, Алекса Ѓилас: Kraj veka : sukobi među narodima i demokratija u 1996. i 1997. godini, Nova, Nezavisna izdanja – Slobodan Mašić, Beograd, 1998., str. 38., »U Libanu ima ukupno osamnaest različitih verskih grupa, a nijedna nema većinu. Glavne su četiri: hrišćani maroniti, koji su katolici ali imaju poseban crkveni ritual i svog patrijarha, zatim muslimani suniti i muslimani šiiti i, na kraju, Druzi, čija se religija razvila iz šiitskog islama, a sadrži u sebi primese drugih verskih učenja.«

Така некако би можела да се претстави ситуацијата во земјата која денес не може да си избере претседател и живее, барем во својот поголем дел, во перманентна воена состојба. Тоа е земја во која едниот дел живее во огромно богатство, а другиот дел во поднослива сиромаштија и никакви права.
Барањето на дел од албанските партии и нивниот електорат за избор на претседател на Македонија со двотретинско мнозинство во Парламентот (а не по пат на претседателски избори, како до сега), ја отвора темата за
“либанизација“ во Македонија, ги (раз)буди духовите на национализам и етничка исклучивост и ги посочи евентуалните последици. Македонскиот блок на партии се спротиставува на овој предлог, со предтекстот дека на тој начин се губат демократските тековини и правилата на еднаквост. Како да се заборава дека демократијата и еднаквоста не секогаш биле основната карактеристика на нашето општество, а најмалку на парламентарниот и политички живот.
Јасно е дека изборот на претседател на државата со парламентарно гласање ќе го воведе системот за распределба на функциите (и привилегиите) во државата по етнички клуч и ќе ги наголеми апетитите на другите етнички заедници, нивните претставители да бидат бирани по тој клуч. На тој начин, веројатно е дека и албанскиот и македонскиот етнички корпус ќе бидат минусирани со нивни претставници во јавната администрација и министерствата, а бројот на другите-срби, власи, роми, бошњаци и другите кои надоаѓаат (бугари, црногорци и хрвати) ќе се најдат во поповолна ситуација. Ќе имаат на некаков начин “гарантирани“ места за “своите“. Така, функцијата на фамозниот “балансер“, наместо да се изгуби, ќе добие на својата ценост. Сепак, проблемот со некаква либанизација на Македонија, ќе означува право на неодговорно и корупривно, олигархиско владеење, заштитено со националниот клуч за привидна еднаквост, или соодветност.
Проблемот со внесувањето на бугарите во Уставот, неминовно ќе биде решен-на по добриот или по лошиот начин! Илузија е дека некоја наредна влада или македонски парламент, може да “избоксува“ по добар предлог од Францускиот и на некаков начин да ја дисциплинира Бугарија, или да ревидира нешто во однос на Преспанскиот договор и Грција. На граѓаните треба отворено да им се каже-такво нешто е невозможна мисија! Во никој случај не може да се случи, Македонија да почне преговори и да преговара со Унијата, без елементарна согласност од Бугарија. Најмалку пак дека некој ќе ја принуди Бугарија да применува недоизјаснети пресуди на судот во Стразбур по однос на правата на македонците во Бугарија. Такво нешто нема да стане, тоа не го дозволува бугарската Конституција и никој не може да ја натера таа држава да го смени својот устав. Бугарите уште во 1879 година, во Велико Трново разбрале што значи “либанизација“ и тоа нешто нема да си дозволат да го применат кај нив.
Македонското/македонистичкото општество веќе се соочува со несогласувањата на другите, па и своите, околу сопствената претстава за својата ролја, не само во историјата на земјата, туку и со дадените позиции во актуелниот момент на опстојување. Наредните избори, без разлика на чија страна ќе биде победата и кој ќе биде претседателот, со себе ќе донесат некои промени во окоштаните позиции на македонците по однос и пред сѐ, за себе сѝ и околу себе сѝ!

“Францускиот предлог“ и патот кон ЕУ, внесувањето на бугарите во Уставот и во сите тела предвидени со уставот, се неопходност за која ќе треба да се плати соодветна цена. Најскапа ќе биде цената во развенчаните илузии за сопствената историја…нема бесплатен ручек на поставената богата трпеза на Европската унија!

Слични Објави