Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија ги осуди нападите врз трговските бродови и бара утврдување на извршителите
Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија предложи заеднички дејства со Романија и Турција за запирање на нападите врз трговски бродови во Црното Море. Ова го соопшти претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, по денешната петчасовна седница посветена на поморската безбедност, пренесе БГНЕС.
Предлозите до извршната и законодавната власт биле усвоени со три четвртини мнозинство, додека три парламентарни групи биле против.
„Ги осудуваме нападите врз трговските бродови и бараме истрага за утврдување на извршителите“, изјави Јотова. Според неа, зачестените напади со поморски и воздушни дронови ја ограничуваат слободата на пловидбата, ги зголемуваат трошоците за осигурување и предизвикуваат економски загуби.
Советот предложи забрзано воведување системи за заштита од дронови, зајакнување на заштитата на критичната инфраструктура и барање поголем придонес од сојузниците во НАТО за безбедноста на црноморскиот регион.
Меѓу предлозите се и европски рамковен механизам за слободна пловидба во Црното Море, мерки за набљудување и финансиски надомест за евентуални загуби, како и барање помош од ОН за техничка и правна анализа на инцидентите.
Јотова посочи дека непосредното прекинување на огнот е најголемата гаранција за безбедноста. Советот предложи и преговори меѓу црноморските држави за претворање на морето во зона на заедничка безбедност.

