КОРОНАВИРУСОТ СЕ ПОЈАВИ НА ПАЗАР ВО ПЕКИНГ

Неколку десетици жители на Пекинг се позитивни на коронавирусот, што потврдува појава на ново жариште на инфекцијата во кинеската престолнина, поради што итно е воведен карантин во 11 градски окрузи.

Новите случаи на инфекција предизвикаа стравувања од повторно појавување на епидемијата во Кина, од каде што минатата година започна ширењето на Ковид-19, поточно од градот Вухан, но властите тогаш успеаја да ја стават болеста под контрола со воведување на строг карантин.

Мерките постепено се укинуваа како што бројот на заразените се намалуваше, а повеќето од новозаразените изминативе месеци беа граѓани кои се враќаа во Кина од странство.

Кина официјално регистрираше 4.634 смртни случаи од Ковид-19, додека во светски рамки како последица на вирусот досега починаа 422.000 луѓе.

Пазарот Ксинфади, во округот Фенгтаи во јужен Пекинг, е затворен затоа што се поврзува со повеќето нови случаи на инфекција.

Седум случаи на инфекција се потврдени во близина на пазарот, на кој се продава месо, риба и зеленчук, од кои шест се денеска, соопштија кинеските власти.

Уште 45 случаи, асимптоматски, биле потврдени по тестовите спроведени во петокот на скоро 2.000 работници на пазарот, изјави официјалниот претставник на градската здравствена управа, Панг Ксингуо.

Првиот случај на Ковид-19 во Пекинг беше пријавен во четвртокот по пауза од два месеца. Станува збор за личност која била на тој пазар минатата недела и не го напуштала градот во последно време.

Меѓу шесте нови случаи пријавени денеска има тројца работници од пазарот, лице кое било таму на пазарење и тројца вработени во центар за истражување за месо, на седум километри од пазарот. Еден од нив бил на пазарот минатата недела.

Властите го затворија пазарот, како и пазарот за морска храна кој го посетило едно од заразените лица за да извршат дезинфекција и да соберат примероци за анализа.

Стотици полицајци се распоредени во близина на пазарите. /Макфакс