| |

Корубин: Договорот меѓу Бугарија и Грција е практична примена на „заедничката историја“

Поранешната пратеничка Никица Корубин, во изјава за „Локално“, оценува дека за дел од аналитичарите, политички гледано, релациите меѓу Бугарија и Грција и за ова прашање, кое се однесува на третирањето на културното наследство и може да се третира како историско, се практична примена на синтагмата „заедничка историја“. Таа посочува дека оваа синтагма е составен дел и од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, а кај нас со години е жестоко медиумски и „аналитички“ сатанизирана, наместо да биде научно и етички рационализирана.

Според неа, нашето постфестум површно вклучување во дебатата и преговорите што се водат меѓу Бугарија и Грција повеќе од 25 години само го потврдува наметнатиот наратив, „наследен и автентично туѓ“, на наша директна штета, за „монопол“ врз културното наследство на историскиот и географскиот регион Македонија. Таа нагласува дека и самите сме составен дел од тој регион, но и го делиме со Грција и Бугарија.

„Па, всушност, тука станува збор за ‘Меморандум за разбирање за заемно депонирање на историски артефакти и реликвии’ меѓу Грција и Бугарија, со кој Бугарија ќе ги добие, не како сопственост, туку како чин на добра волја, посмртните останки од базиликата ‘Свети Ахил’, која се наоѓа во Мала Преспа, за кои се претпоставува дека му припаѓаат не само на Самуил, туку и на неговиот син Гаврил Радомир, како и на внукот Иван Владислав. Грција, за возврат, добива 48 црковни реликвии од манастири од регионот на Серес и Кавала (Пангеј), кои исто така се дел од културното наследство на регионот Македонија (и Тракија)“, вели Корубин.

Таа потсетува и на местоположбата на базиликата „Свети Ахил“ и на симболиката на Преспанскиот договор.

„Да се потсетиме дека базиликата ‘Свети Ахил’ се наоѓа во непосредна близина на Псарадес (Нивици), каде што беше потпишан Преспанскиот договор, кој самото име го доби токму по овој регион, кој го делиме со Грција и Албанија, како симболичен чин на споделување и на културното наследство и на заедничката историја. Колкумина ‘бранители на идентитетот’ ја посетиле базиликата ‘Свети Ахил’, на самата граница со Северна Македонија? Веројатно исто толку колку што го посетиле Византискиот музеј во Солун или комплексот на кралски гробници во Вергина. Ама затоа декларативно, систематски го заробуваат јавното мислење и тенденциозно ги влошуваат односите со државите со кои го делиме историскиот и географскиот регион Македонија“, посочува Корубин.

Според неа, ваквиот пристап е во функција на избегнување на соочувањето со сопственото „заробено општество“.

„Па, оттаму очигледно нема потреба од каков било изговор за ‘заострување на односите’, кои секако се третираат како ‘наметнати’, а на граѓаните им се сервираат како ‘жртва што ја дале’. А сето тоа е во функција на избегнување на соочувањето со сопственото ‘заробено општество’, кое всушност го креира наративот за постојани ‘фобии’ и наводна загрозеност на идентитетот, во услови кога истата таа држава систематски го уништува и злоупотребува сопственото културно наследство преку одбивање да воспостави современ и европски систем на управување и заштита на тоа наследство. На историја и реалност ‘базирани на факти’ и на односи со Бугарија и Грција, базирани на почит и ‘заедничка историја’“, потенцира Корубин.



Слични Објави