Корубин за Локално: „Кој ќе ги даде гаранциите на граѓаните за ова неповратно изгубено време“
Екс-пратеничката и аналитичарка Никица Корубин, во разговор за „Локално“, оценува дека пораката на еврокомесарката за проширување Марта Кос при нејзината вчерашна посета не е главното прашање, бидејќи, како што посочува, таа е конзистентна во изминатите четири години од усвојувањето на преговарачката рамка и претставува усогласен став на сите 27 земји-членки на Европската Унија.
Според Корубин, суштинската дилема е дали државата сака да се движи во реалност заснована на факти, „доверба, исполнување на обврските и посветена работа“, или во, како што вели, фикција на реалноста наменета за внатрешна употреба.
Таа се повикува и на пораките на Кос дека довербата „не се создава со декларативни пораки, туку со конкретни постапки, почитување на меѓународното право и соработка“.
Корубин потсетува дека состојбите, според неа, се јасни подолг период и дека нема простор за дебата за, како што наведува, непостоечка тема, во услови на неисполнување на сопствените обврски од страна на државата.
„Кој ќе ги даде гаранциите на граѓаните за ова неповратно изгубено време“, прашува Корубин.
Аналитичарката е децидна дека уставните измени претставуваат правна и политичка обврска. Според неа, во демократско општество односот кон уставните измени, како и кон целиот процес на преговарање согласно Преговарачката рамка, е основа за довербата кон државата.

