Костовски ја спореди Арсовска со Осама бин Ладен
Кога Арсовска зборува за право е исто како Осама бин Ладен да зборува за западни вредности, таа бега од народот, а јас сум со бутелци. Ваква е реакцијата на градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, по објавата на градоначалничката Арсовска за проблемот со изградбата на улицата во оваа општина.
„Данела повторно е надвор од реалноста, продолжува да пишува реакции и соопштенија од канцеларија! Кога Арсовска зборува за право, тоа е исто како кога Осама бин Ладен би зборувал за западни вредности, или Хемингвеј за градежништво. Ете толку е својствено за Арсовска да зборува за право. Што се однесува за самиот проект, најлесно е да се пишуваат соопштенија од канцеларија, веројатно и така е поедноставно да се избега од народот. Но, народот на тоа ќе те потсети тогаш кога ќе треба, на избори, до тогаш јас сум заедно со бутелци да се бориме заедно за решение на секој еден проблем. Данела, згради во Бутел нема да има“, наведе Костовски во реакцијата.
Жителите од 16 куќи лоцирани на улицата во рок од три дена треба да се откажат од дел од своите дворни места, кои се во државна сопственост, но тие ги користат речиси 60 години поради пробивањето на улицата.
Костовски го поддржа протестот, а Арсовска порача: Неправото на неколкумина не може да го дерогира правото на сите.

