Костовски: Реконструиравме 102 улици во вредност од 320 милиони денари
Градоначалникот на Општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, денеска истакна дека во изминатите четири години биле реализирани бројни инфраструктурни проекти, меѓу кои и реконструкција и изградба на дури 102 улици со вкупна вредност од 320 милиони денари.
„Изминаа четири години откако ми ја дадовте довербата да ја раководам Општина Бутел. Четири години исполнети со многу работа, труд и посветеност. Ги менуваме работите од корен, за да обезбедиме пристојни услови за живот на сите граѓани,“ изјави Костовски.
Тој нагласи дека во Бутел е вложено во нова патна инфраструктура како никогаш досега, со што значително се подобриле условите за живот на жителите. „Ветив пред граѓаните и денес можам гордо да кажам дека ветувањата се исполнуваат. Општина Бутел се менува,“ додаде градоначалникот.
Костовски порача дека Бутел е „наш дом, наша сегашност и наша иднина“ и најави продолжување со нови проекти за модернизација и развој на општината.
„Продолжуваме, заедно со сите вас да ја градиме и развиваме Општина Бутел во модерно и подобро место за живеење. Заокружи број 9 за сигурна иднина,“ порача тој.
