КОВАЧЕВ: МАКЕДОНЦИТЕ ШТО ИМААТ БУГАРСКО ДРЖАВЈАНСТВО, А ШИРАТ ОМРАЗА КОН БУГАРИЈА ТРЕБА ДА БИДАТ ОБЈАВЕНИ ЈАВНО, А НИВНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА ТРЕБА ДА СЕ ОДЗЕМАТ

Д-р Андреј Ковачев (13.12 1967 г, Софија) е бугарски европратеник, заменик претседател на групата на Европската народна парија (EPP).Член е на комисиите за внатрешен пазар, надворешна политика и меѓународна трговија. Претседател е на Сојузот на бугарските федералисти во Бугарија и заменик претседател на Унијата на европските федералисти.

loading...

Трибуна: Д-р Ковачев, дали можеме да зборуваме за некаков вид на „ладна војна“ меѓу Скопје и Софија во моментот и дали Вие чувствувате лична одговорност за нејзиното „разгорување“ во последните неколку месеци?

А. Ковачев: Јас сум убеден дека меѓу граѓаните на Бугарија и Македонија нема никаква војна и тие се чувствуваат најблиски. Нема како да биде поинаку бидејќи во минатото сме биле едно и не сме се делеле. Диктатурите во Бугарија и поранешна Југославија ги разделија за жал. За жал политичката и академската елита во Скопје ја продолжува по инерција интерпретацијата на историјата која не разделува и која со себе ја носи омразата и недостатокот на желба за соработка. Тоа според мене треба да биде надминато. Најголемата болка според мене е фактот што не се започнува со овој процес кој нема да биде краток но сепак веќе поминаа 30 години. Јас лично и никој во Бугарија не го менувал ниту сега наскоро, минатиот месец, ниту пред две недели, ниту пред една година, ниту пред две години, ниту пред пет години, ниту пред десет години, по никаков начин нашиот став. Да бидеме најблиски, да бидеме како Австрија и Германија, да бидеме како Грција и Кипар како Молдавија и Романија, да си помагаме во сѐ и да ја надминеме омразата.
Од наша страна не може да постои никаков сомнеж, ние не сме менувале апсолутно ништо за да може да каже некој дека Бугарија е виновна за влошувањето на односите. Нашата позиција е константна и се базира на вистината. Жално е што токму тие кои пропагираат непријателство, се токму тие кои сакаат да ме обвинат мене или некој друг во Бугарија дека е негатор на македонскиот идентитет или на нешто друго. Тоа нема никаква врска со вистината. За жал, како што кажа Љубчо Георгиевски за време на неговата посета во Софија, постои сѐ уште една длабока држава која е поврзана со поранешни безбедносни служби на Југославија, со пројугословенската елита во Скопје, во академските средини, професори, академици, кои се силно поврзани со идеологијата на комунизмот и Тито. Колку и тие да сакаат да избегаат од тоа и да речат дека не е вистина, тоа нема како да е поинаку. Ова е многу жално за иднината на Македонија. Големата идеја на Шуман и на Моне за создавањето на ЕУ за обединувањето на Европа се темели токму на надминување на омразата, надминување на поделеноста, надминување на фалсификувањата и пропагандите од минатото, како после Втората светска војна, така и после падот на комунистичките режими и обедувањето на нашиот континент. Македонија остана заедно со Србија, можеби единствени земји со исклучок на Белорусија во кои што има толку голема носталгија по комунизмот а политичките елити не сакаат а сменат ништо. Бугарија го објави комунистичкиот режим за криминален. Ние по никаков начин „не славиме“ комунистички настани, се разбира има луѓе што го прават тоа, но тоа не е официјална доктрина на државата. Не можеме да бидеме среќни и да прифатиме дека ќе бидеме заедно во заедничкиот европски дом со луѓе кои се учени во школо на една извитоперена историја која го претставува својот сосед, де факто својата најблиска земја како најголем непријател, окупатор, кој низ целата историја од 1300 години сакал да ги окупира, асимилира и какви ли уште не црнила.

Трибуна: Каде погреши Софија, а каде Скопје за да се најдеме во овој ќорсокак на нашите меѓусебни односи?

А. Ковачев: Сигурно е дека и двете страни не се безгрешни и Софија и Бугарија, но недостатокот на желба и продолжувањето по инерција на митологијата и фантастичните сижеа од комунизмот за историјата по никаков начин не може да се препише на Софија. Ние сме биле апсолутно константни. Први ја признавме Република Македонија. За време на југо ембаргото помагавме. Во 2001 година застанавме категорично во одбрана на македонскиот територијален интегритет. Претходно испративме воена техника, ако случајно Милошевиќ се обиде да ја нападне Македонија. Нашето прво претседателство со ЕУ беше искористено само за лобирање Македонија и другите земји од Западен Балкан да станат дел од ЕУ. Ние бевме меѓу првите земји што го ратификуваа протоколот за влез на Македонија во НАТО. Ние цело време пробуваме да дадеме рака, да бидеме најблиски, да ја надминеме омразата од минатото, бидејќи сите знаеме дека за време на титова Југославија и после тоа за жал, Бугарија е претставувана секогаш во најлошо светло. Зборовите „бугараши“, „бугарофили“, „предавници“ итн. се најнавредливите зборови, што се користат сѐ уште во Македонија. Тоа е многу тежок проблем што Скопје треба да го надмине и тој процес треба да започне.

Трибуна: Во една анкета за испитување на јавното мислење нарачана од Вас во Бугарија, само околу 20% од испитаниците ја сметаат Република Македонија за пријателска и добронамерна земја. Како ќе го коментирате овој факт? Дури Турција е определена за попријателска од нас.

А. Ковачев: Тука се работи за политичката елита во Македонија и академската елита. Јас така и го започнав нашето интервју, а имено дека луѓето се чувствуваат блиски, имаат роднини. Голем дел од бегалците од Егејска и Вардарска Македонија, територии кои во тоа време се под грчка и жестока, жестока, по трети пат жестока српска окупација, бегаат во Бугарија која што е слободна и таму се чувствуваат прифатени од свои луѓе. Тука (во Бугарија) имаме над еден милион потомци на луѓе од Македонија. Во Софија секој трет жител е со потекло од Македонија. Во истата анкета видовме дека најмалку 20 проценти од сите Бугари се со македонски корен. Во Софија тие луѓе се над 35 проценти. Ние сме најблиски, нема како поинаку. Таа анкета покажува дека ние сме разочарани од политичката елита на Македонија бидејќи тие ја немаат храброста да ја започнат промената и да ги надминат негативностите наметнати од Србите и титова Југославија. Меѓу другото според анкети кои се правени во Македонија покажуваат една трагична слика каде што не 20 проценти туку еден процент е пријателски настроен кон Бугарија.

Трибуна: Какви мерки ќе превземе Бугарија во однос на негативната кампања, која се одвива во македонските медиуми кон неа? Се размислува ли за одземањето на бугарските државјанства на лица кои активно се служат со говорот на омраза кон Бугарија заради некој нивен личен интерес?

А. Ковачев: Ние сакаме да има транспарентност по тоа прашање. Можеби знаете дека според процедурата за добивање на бугарско државјанство по потекло, вклучува и Декларација во која што кандидатот декларира дека има бугарска самосвест, бугарски идентитет, а според таа Декларација се носи и казнена одговорност според членот 313 од Казнениот кодекс на Република Бугарија. Тука се разбира е и декларацијата дека неговите родители, предци биле Бугари. Биле дел од бугарската заедница во бугарски села и градови, во Егејска и Вардарска Македонија. Секој кандидат што добил бугарско државјанство го докажал своето бугарско потекло по мајка, по татко или по двете линии. И самиот тој декларирал во посебна Декларација дека самиот тој се чувствува како Бугарин. Овде зборуваме за повеќе од 120 000 македонски државјани, кои имаат двојно државјанство од кое бугарското го добиле по потекло. За нас е многу непријатно кога такви луѓе што декларирале дека се Бугари и докажале пред бугарската држава дека се Бугари, потоа работат против Бугарија и не работат за добрососедството. Секој што сака и се смета за Бугарин може да добие бугарско државјанство, за тоа нема никаков проблем, но не треба да го злоупотребува тоа против Бугарија кога самиот се декларирал како Бугарин. Сум го истакнувал и порано дека треба да има транспарентност, посебно за тие што злоупотребуваат, бидејќи тие декларирале дека имаат бугарско потекло и бугарски идентитет. Ако направиле тешки прекршоци се разбира и дека треба да има одземање на бугарското државјанство.

Трибуна: Кога Бугарија ќе почне да ги одзима државјанствата на такви лица, повикувајќи се на членот 22 од Законот за бугарско државјанство?

А. Ковачев: Неколку пати сум истакнувал дека треба да има контрола и транспарентност. За значајни за општеството прекршоци против Бугарија на такви луѓе, ако тие продолжуваат константно да зборуваат против бугарскиот идентитет на Гоце Делчев на пример, и негираат работи кои што се општо познати во историјата, манипулираат со нив, шират омраза кон Бугарија, тие луѓе не само што треба јавно да бидат објавени како бугарски државјани туку и нивното државјанство да биде одземено. Јас не сум дел од бугарскиот парламент, не знам кога и како ќе се случи тоа, но со сигурност ќе се случи.

Трибуна: Во овој ред на мисли, што мислите, дали е потребно Бугарија да ја „затегне“ контролата за тоа кој, како и зошто добива бугарско државјанство?



loading...

А. Ковачев: Има закони за тоа. Кога некој ќе докаже дека е со бугарско потекло и декларирал дека се чувствува Бугарин, тој може да добие бугарско државјанство. Ако тој човек шири омраза против Бугарија и не допринесува по никаков начин за добрососедството, моето мислење е дека неговото бугарско државјанство треба да се одземе. Сето тоа стои во бугарскиот закон и истиот треба да биде спроведуван.

Трибуна: Пред извесно време министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов ја „вжешти“ атмосферата во Македонија со една изјава во однос на спомен-плочите низ целата земја на кои пишува за „бугарскиот фашистички окупатор“, но има и такви како онаа во селото Манастирец во околината на Македонски Брод, каде што „бугарската рака“ не е „фашистичка“ а е „гнасна“. Имате ли рецепт за решавање на овој проблем без да има потреба во Македонија да доаѓа Инженерскиот полк на Бугарската армија?

А. Ковачев: Видете, тоа треба да се случи во Македонија. Тие остатоци од титовиот комунизам не треба да продолжуваат да ги учат младите генерации на омраза кон Бугарија. Тоа е многу болна тема за нас. Таа дебата треба да се води во Скопје. Многу е чудно зошто историските податоци не се презентираат правилно, јас на пример не знам некаде да има напишано „германски-национал-социјалистички окупатор“ или пак „италјански фашистички окупатор“, бидејќи, западниот дел од Македонија беше во еден дел под италјанска окупација. Многу јасно се гледа дека акцентот намерно се става врз Бугарија, за да биде оцрнувана Бугарија. Тоа е потполно јасно. Кралска Југославија е окупирана од Германците. Тоа е германска окупација извршена од германскиот вермахт. Но тоа и се припишува на Бугарија за да бидат Бугарите оцрнувани и во минатото и денеска.

Трибуна: Очекувате ли Бугарија да биде присилена да ги „омекне“ своите позиции во однос на Република Македонија со цел нашата земја побрзо да ги започне преговорите за влез во ЕУ?

А. Ковачев: Тоа е една манипулација која се шири во Скопје од некои медиуми дека некој во ЕУ без разлика дали во Берлин, Брисел или било каде може да изврши притисок врз Бугарија и Бугарија да го „омекне“ ставот. Треба да биде категорично јасно, дека тоа не може да се случи, и такво нешто никогаш нема да се случи. Тоа дури и е смешно. Жал ми е за советниците на политичката елита од Скопје кои по се изгледа советуваат погрешно. Тие изгубија премногу време. Од 2017 година ние се надевавме дека ќе има напредок, но јавно тие биле советувани од луѓе кои им викале дека нема место за тревога бидејќи некој во ЕУ ќе ја притисне Бугарија. Тоа нема како да се случи!