Ковачев: Учеството во „Советот на мирот“ не носи финансиски обврски и останува под парламентарна контрола
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев реагираше на критиките поврзани со одлуката за учество во т.н. „Совет на мирот“, наведувајќи дека станува збор за дипломатска иницијатива без финансиски обврски за Бугарија и без заобиколување на демократските процедури.
Во објава на социјалните мрежи, Ковачев посочува дека „нема финансиски ангажман за Бугарија“, нагласувајќи дека јавните коментари по темата бараат поголема прецизност. Тој додава дека демократскиот процес не е нарушен и дека Народното собрание го задржува својот целосен суверенитет.
„Ќе има дебата и парламентот ќе одлучи дали, како и под кои услови ќе се стигне до ратификација“, наведува Ковачев, потенцирајќи дека станува збор за отворање дипломатски канал „кој подлежи на контрола, транспарентност и одговорност“, а не за замена на демократијата.
Според него, прашањето е пошироко и се однесува на потребата од поефикасна меѓународна безбедносна архитектура. „Постојните меѓународни механизми се блокирани, вклучително и Советот за безбедност на ОН, кој со децении тешко ја исполнува својата основна функција“, истакнува Ковачев. Во услови на војни и конфликти, како што додава, „барањето нови формати за дијалог и деескалација не е слабост, туку должност“.
Во овој контекст, тој оценува дека потпишувањето од страна на премиерот Желјазков може да се сфати како „внимателен и прагматичен чекор“, кој ги зачувува институционалните гаранции во земјата и ѝ овозможува на Бугарија да учествува во напорите за стабилност. Ковачев ја нагласува и поддршката за конкретни дипломатски иницијативи, вклучително и работата на Николај Младенов за одржливо решение на Блискиот Исток, како и поддршка за „демократски и секуларен Иран, заснован на човековите права и владеењето на правото“.
Европратеникот подвлекува дека ваквите чекори не смеат да се прават надвор од европската рамка. „Ние сме Европската унија и само како обединет сојуз можеме да имаме тежина во светот“, наведува тој, додавајќи дека прашањето е поврзано и со економската иднина, меѓународните трговски договори и заштитата на високите европски стандарди.
„Надворешната политика не се гради со слогани и стравови, туку со интереси, вредности, реализам и сојузничка координација“, заклучува Ковачев, оценувајќи дека одлуката за потпишување, при јасни гаранции за парламентарна контрола и европска координација, претставува одговорен избор во сè понепредвидлив глобален контекст.

