|

Зеленски со остри критики кон Орбан во Давос

Претседателот на Украина остро ги критикуваше постапките на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Давос, обвинувајќи го дека ги предава европските интереси во корист на Русија, пишува Фактор.

„Секој Виктор што живее од европските пари, а истовремено ги продава европските интереси, заслужува тупаница по тилот“, изјави Зеленски, без директно да го спомене презимето на Орбан.

Тој додаде дека ако Орбан се чувствува комотно во Москва, тоа „не значи дека треба да дозволиме европските престолнини да се претворат во мали Москви“. Зеленски ја нагласи потребата од европско единство, посочувајќи дека меѓу Русија и Европа постои суштинска разлика.

„Најдлабоката линија на конфликтот меѓу Русија и Украина и цела Европа е во тоа што Русија се бори за свет во кој луѓето не значат ништо – за да се осигури дека кога диктаторите ќе посакаат да уништат некого, ќе можат да го сторат тоа“, рече тој.

Зеленски и претходно истакнувал дека Орбан нема право да го блокира патот на Украина кон членство во Европската унија и дека земјата ќе влезе во ЕУ „со Орбан или без“, бидејќи тоа е избор на украинскиот народ. Тој посочил и дека во Унгарија има луѓе кои ја поддржуваат Украина.

Во јануари, Орбан најави почеток на „национална петиција“ со цел да обезбеди поддршка за идејата ЕУ да престане со финансирањето на Украина. Тој ги прикажува парламентарните избори во Унгарија како „избор меѓу војна и мир“, тврдејќи дека само неговата влада е гаранција за заштита на земјата од војна и економски последици.



Слични Објави