Силата на доброто: Бугари донираа 25 генератори за струја на луѓе во Украина
Волонтери од Бугарија донираа 25 генератори за струја на луѓе од Украина. Ангел Пилев веќе осум пати ја посетил земјата, за да достави хуманитарна помош на луѓето, кои се жртва на воената агресија на рускиот диктатор Владимир Путин. Патот до Украина е долг и тежок,на границата со Романија Ангел се соочува со проблем.
„На романската граница, еден од цариниците ни побара додатни документи за помошта. Јас му ги покажав документите од украинската амбасада, фактури за самата помош, му објаснив дека сме Евангелска црква и сакаме да помогнеме“, раскажува Ангел пред бугарската телевизија БТВ.

Освен генератори за струја, Ангел носи со себе 4000 свеќи, прехранбени производи и лекови.
„Прво го посетивме местото Вишневец. Дониравме еден генератор на детската градинка. Два генератори испративме на бранителите на Херсон. Тие самите нѐ замолија. Испративме 2 генератори во Доњецк, стигнавме и до околината на Киев“, додава Ангел.
Следно место на списокот на волонтерите е местото Подхајне. Селото е погодено од форсфорни бомби. Таму се уништени голем број згради, дури и зградата на општината.
„Видовме многу болка и трагедии. Луѓето прашуваа кога овој ужас ќе престане“, раскажува Ангел, но додава дека и покрај ужасните услови, луѓето се единствени и си помагаат.
Пред екипата на БТВ, Ангел Пилев најавува дека за Божик пак ќе замине со помош за Украина.
