| |

КОВАЧЕВ ЗА МКД.МК: МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА И МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК СЕ СОВРЕМЕНА РЕАЛНОСТ

Бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, во интервју за порталот „МКД“ вели дека во Македонија живеат Македонци што го зборуваат македонскиот јазик и дека тоа е современата реалност.

„Не. Напротив. Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец. Но, во ЕУ ќе може да влезете само откако ќе ги решиме сите историски отворени прашања. Нема што да спориме за тоа кој бил Гоце Делчев, Даме Груев, Христо Татарчев… Вашиот современ македонски идентитет лежи на бугарската национална историја. Тоа мора да се реши. За тоа нема никакви дилеми меѓу бугарските политички партии, во бугарското општество воопшто. Затоа е многу битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.”

Во интервјуто, Ковачев го коментира ставот на македонската опозиција, велејќи деја ја разбира оти сака да води политика на оваа тема и вели дека партијата го носи името на бугарската револуционерна организација БМОРК/ВМОРО/ВМРО, создадена, како што вели, од етничките Бугари Гоце Делчев, Иван Татарчев, Даме Груев.

„Јас сум пријател со господинот Николоски и тој многу добро ја знае нашата позиција од многубројните средби со Никола Груевски, Влатко Ѓорчев и сега, исто така, со Христијан Мицкоски. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје видов портрети на големите Бугари Тодор Александров, Христо и Милан Матови, Ванчо Михајлов… Имаме заедничка историја и тогаш нашите заеднички предци сè уште не беа разделени од југословенскиот комунизам. Треба да е јасно дека Бугарија во никој случај не ја оспорува сегашната реалност во Република Северна Македонија. Во исто време, Бугарија во никој случај не може да прифати да ја промени својата историја, ретроактивно…“, вели Ковачев.

Понатаму тој вели дека денешниот официјален јазик во Република Северна Македонија е кодифициран врз основа на бугарски дијалект и дека Македонија нема да биде помалку достојна и почитувана членка на ЕУ и НАТО ако ја признае историската реалност.

Зборувајќи за решавањето на историските прашања, тој вели дека одложувањето на работата на историската комисија не е во интерес на Македонија.

„Но, во моментов, работата на оваа комисија е стопирана од страна на Македонија. Комисијата треба само да работи врз историски документи, без предрасуди. Ако на историчарите им недостига волја и храброст, тогаш политичарите мора да го решат овој проблем. Сега најважно е да се избегнат одложувањата на работата на оваа комисија. Мора да има брз напредок. Секое одложување на работата на оваа комисија не е во интерес на Македонија“, вели Ковачев.



Слични Објави