|

Ковачевски за Онкологија: Секој криминал има име и презиме, наводите се грозни, МВР и Обвинителството ќе ги идентификуваат

За премиерот Димитар Ковачевски грозни се наводите за случувањата на Клиниката за онкологија каде што пациентите биле третирани со физиолошки раствор, а скапите антиканцерогени лекови за нив завршувале на црниот пазар. Тој вели дека за вакви случувања на Клиниката се слушаат наназад 20 години, но првпат се презема обемна акција од МВР и Обвинителството.

„Се работи за наводи кои се грозни. Не смеат да се случуваат, а тоа се наводи за кои сме слушале наназад во текот на 20 години. Ова е првпат да биде спроведена една ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензационализам и напад на сите доктори и медицински сестри во државата бидејќи најголемиот дел од медицинскиот персонал кој што работи во нашата држава се извонредни луѓе, кадри кои што се грижат за здравјето на нашето население. Секој криминал има свое име и презиме има одговорност и задачата на МВР и на Обвинителството е да обезбеди докази врз основа кои ќе бидат идентификувани сторителите. Од страна на претседателот на Владата и од Владата нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било “, рече премиерот Ковачевски.

Нагласи дека забележал во медиумите, посебно на социјалните мрежи дека се креира слика за вмешаност само на одредени лица во зависност од нивната припадност, што вели дека е сосема непотребно.

„Она што можам да го кажам е дека ваков тип на криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен“, рече премиерот Ковачевски.

МВР и Обвинителството направија претрес на Клиниката за онкологија и во станови на некои од вработените по објавите во медиумите. Премиерот Ковачевски смета дека обемната акција на МВР и на Обвинителството е доказ дека сериозно се сфатени изнесените обвинувања во медиумите и најави дека на ист начин ќе постапат доколку постојат такви сомневања и за другите клиники.

Слични Објави