| |

КПД „ВАРДАР“: ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ТРЕБА ДА НЀ ПОВРЗУВА, А НЕ ДА НЀ РАЗДЕЛУВА СО БУГАРИЈА

Трибуна: Кои сте вие КПД „Вардар“?

КПД „Вардар“: Ние сме неколку студенти по историја и неколку вљубеници во историјата, посебно во македонската историја здружени во едно здружение кои работиме на нејзиното промовирање независно од било какви внатрешни или надворешни манипулации. Исто така сакаме на македонската јавност да и ги покажеме заборавените дејци кои заслужуваат многу поголемо влијание.

Трибуна: Од каде дојде името Вардар?

КПД „Вардар“: Името Вардар знаеме дека е широко користено од страна на други групации, но нашата приказна е самата за себе. Ние дојдовме најпрвин до идејата да го создадеме ова културно друштво кое ќе служи за афирмирање на македонската култура, исто како што во минатото постоело друштво како ова кое соработувало со историското ВМРО, основано од Илија Кушев, Љубомир Весов и Иван Михајлов. Тоа друштво Вардар, како и нашето имало културно-просветна дејност за населението во Македонија и Бугарија, особено за оние кои се идентификувале со идејата на ВМРО. Од друга страна, самото име Вардар претставува симбол на државата Македонија, а зошто да не кажеме и на истоимениот регион. Оттаму ни дојде на ум дека баш тоа име ќе биде идеално, полн погодок, со што би биле поблизу до историското ВМРО и неговите идеали.

Трибуна: Чија агентурна мрежа сте вие ? Прашањето е инспирирано од неволјите на актерот Сашо Тасевски со странските агентурни мрежи, поточно со бугарските такви.

КПД „Вардар“: На ЦИА, Мосад,КГБ и сите служби во соседството….малку иронија. Ние сме во целост самостојни, но за жал очекуваме етикетирања кои се нормала овде бидејќи нели секој мора да е дел од нечија УДБА.

Трибуна: Во екот на тензиите помеѓу Македонија и соседите околу историјата, дали сметате дека е добар момент да се бавите со објавување на литература и стории кои би можеле да се протолкуваат како провокативни?

КПД „Вардар“: Сметаме дека токму сега е вистинското време. На сите страни фрчат историски објави, се шири многу пропаганда, погрешни податоци и извртување на тези и на вистината. Ние во цела таа шума од информации сакаме да понудиме нешто реално, објективно и вистинито, а во исто време и да фрлиме светлина на многу непознати настани и личности. Македонската историја е многу повеќе од Самоил, Илинден, Гоце и АСНОМ.

Трибуна: Како вие би го решиле спорот со Бугарија за Гоце Делчев?

КПД „Вардар“: Видете, спорот со Гоце Делчев од гледна точка на историјата е лесен. Според неговите пишувања и пишувањата на неговите најблиски пријатели, соработници и современици тој несомнено имал бугарско етничко самоопределување. Но Гоце како револуционер припаѓа и на македонците и неговата борба како што кажува Димитар Влахов е за сите македонците од било кој етникум и тоа не смее да се занемари. Спорот околу Гоце сметаме дека може да се реши многу брзо, но и корисно за двете држави. Народски кажано “колку е наш, толку е и ваш”. Тој Гоце е основоположник на борбата за автономија на Македонија и Одринско, од него започнува борбениот дух на македонскиот револуционер и борбата за слобода на Македонија. И сметаме дека во најмала рака, жално е да се “тргува” со еден великан како Георги Делчев, кој нас треба да не сплотува, а не да не разделува.

Трибуна: Кои заборавени личности од македонската историја ги имате на ум кога кажувате дека треба да се најдат пред очите на јавноста?

Кирил Прличев (1875-1944), син на Григор Прличев и припадник на ВМРО

КПД „Вардар“: Кирил Прличев ни доаѓа прв на ум. Сите за него слушаме кога учиме за неговиот татко великанот Григор кога нѐ учат дека имал син. Само што забораваат да ни кажат колку неговиот син е значајна личност во Организацијата, а поради политичките превирања е фрлен во заборав. Прличев е еден од многуте примери, буквално на стотици имиња кои се заборавени поради разно разни причини. Не треба да се заборави ниту на синот на Борис Дрангов, Кирил Дрангов, кој се самоубива за да не падне жив во рацете на тогашната “народна милиција”. Крсто Лазаров, Дивљански, Георги Поп Христов, Христо Матов и редици други херои.

Трибуна: Имате ли амбиции да прераснете во политичка партија или движење?

КПД „Вардар“: Категорично не. Доста беше мешање на политиката во историјата и нејзиното толкување да се менува со секоја нова власт. На членовите како поединци не им е забрането да бидат дел од политички проекти, но „Вардар“ како здружение никако нема амбиција за некаков политички ангажман.

Повеќе за мисијата и активностите на Културно-просветно друштво „Вардар“ можете да научите од нивната страна на социјалната мрежа Facebook.



Слични Објави