На 6 декември 1927 г. во Ќустендил умира фолклористот, историчар, преведувач и револуционер Ефрем Каранов
На 6-ти декември 1927 г. во Ќустендил умира ЕФРЕМ ЦВЕТКОВ КАРАНОВ истакнат фолклорист, историчар, преведувач и револуционер.
Роден е во Кратово 1852 г. Прво учи во родниот град, а потоа во Бугарско училиште во Цариград. Заминува за Одеса, учи гимназија и завршува словенска филологија на Новорускиот универзитет. Почнал да се занимава со книжевна дејност и собирање на фолклорни материјали. Се враќа дома и запишува стотици народни песни. Бил учител во Штип, но по започнувањето на Руско-турската војна е изгонет од властите. Потоа предавал во Самоковската семинарија и педагошкото училиште во Ќустендил. Во 1884 г. станал член на Бугарското книжевно друштво. Во Ќустендил го основал месниот музеј и го обновил читалиштето. Учителствувал во Софиската класична гимназија, а потоа се преместил за постојано во Ќустендил. Тој е во врска со Врховниот комитет на Трајко Китанчев и за време на Четничката акција неговиот дом е главно седиште на востаниците. По неуспехот на востанието се ориентира кон ВМОРО. Одржува контакти со Гоце Делчев, Јане Сандански, Пејо Јаворов, Константин Иречек, Иван Шишманов и др. Меѓу најпознатите негови дела се „Бугарски народни умотворенија“ и „Бугарски народни песни“.
Ефрем Каранов е награден со орден За граѓанска заслуга.
“Роден сум од родители Бугари, во стрмниот планински, со средновековен карактер по многуте камени мостови, кули, стари зданија, криви улици, како и по животот град Кратово, во северна Македонија, познат по својата книжевност, особено препишувачка дејност во време на турското робство, како и по своите рудници.
Нашиот татко прв ги заведе своите деца на училиште во Цариград. Еднаш тој силно возбуден се заколна пред иконостасот Ерусалим дека две од четирите деца ги подарува на Бугарскиот народ и ќе ги заведе на Бугарско училиште во Цариград. Тој знаеше дека во Цариград имало добро наредено училиште при Бугарската црква Св. Стефан; во тие години црковното прашање беше во најголем разгор и во кратовската црква книжевникот Давидко Граматикот, ученик на Јоаким Крчовски, родоначалникот на нашата печатена книжнина на прост Бугарски јазик во почетокот на ХIХ век – извикуваше од амвонот во присуство на владиката: „Да го изгониме владиката, да не го примаме не само во црквата, но и во нашите куќи“, и по улиците се пееше од децата по стапките на владиката противгрчка песна на Аверкиј Петров, игумен на Осоговскиот манастир, во која меѓу другото се кажуваше дека грчките владици грабат, мачат, пречат, од Бога не се бојат.“
“Кратовската каза е расположена во горната страна меѓу реките Брегалница и Крива. Народното население се состои од Бугари и Турци; Бугарите по своето место на живеење се делат на «граѓани» и «селани»; а селаните — на чисти «шопи» и «полјаци» (поленци), како што слушав. Граѓаните живеат со изменети обичаи, но селаните «по старовремски», како што сами се гордеат.
Градот Кратово се пресекуа со многу реки, над кои што има 13 камени мостови, стари; еден от мостовите се нарекува «Радин». Тој мост го подпират пет високи кули. Градот е богат со многу кули, стари куќи, подземни ходници, куќи 1000; жители 7000 — половина Турци, половина Бугари.
На источната страна од Кратово: Злетово — тука беше од градот пренесен рудникот по причина на малата вода на Кратовската река. Има стара кула, 100 куќи, Турци и Бугари. На северната и западната старана од Кратово селата се населени исклучително со Бугари.“