КРАЈОТ НА ЏУЗЕПЕ ДИ МАТЕО- СИНОТ НА ЕДЕН ПОРАНЕШЕН МАФИЈАШ КОЈ ОДЛУЧИ ДА ЗБОРУВА

Во 1993 г. полицајци го запираат 12- годишниот Џузепе Ди Матео. Униформираните лица му кажуваат на детето дека ќе го однесат кај неговиот татко Сантино Ди Матео. Во тоа време Сантино се наоѓа под полициска заштита бидејќи ветил дека ќе сведочи против голем број припадници на Сицилијанската мафија.

Џузепе не разбира дека е киднапиран од преоблечени како полицајци мафијаши.

Нарачател на киднапирањето е Џовани Бруска, познат во подземниот свет со надимаците: Касапот, Егзекуторот и Прасето. Се смета дека Бруска е одговорен за повеќе од 200 убиства, бројка со која може да се споредува дури и со најголемиот бос на Сицилијанската мафија во тој период „капо ди тути капи“ Салваторе Тото Риина.

Џузепе ќе остане во плен на италијанската мафија од 1993 до 1996 г.

Припадниците на Сицилијанската мафија се надевале дека откако ќе го киднапират синот, таткото Сантино нема да сведочи против нивната организација и лидери. Тоа се разбира е многу тешко бидејќи самиот Сантино е уапсен за време на убиството на судијата Џовани Фалконе. Фатен во тесно Сантино се согласува да сведочи против своите довчерашни колеги.

Киднапирањето на Џузепе треба да го натера Сантино да молчи и да ги повлече сите свои досегашни искази. Но тоа не се случува.

Киднаперите почнуваат да го тепаат малиот Џузепе и да ја сликаат физичката тортура. Џузепе е тепан секој ден во тие речиси 3 години во кои е киднапиран од луѓето на Бруска.

Откако Сантино одбива да ги повлече своите искази и да престане да говори за структурата и активностите на мафијата, Бруска ја дава својата последна и најжестока наредба: „Чисти“!

Малиот син на Сантино Ди Матео е убиен во 1996 г. после речиси 3 години робија на сицилијанската мафија.

Некои од учесниците во тоа грозоморно дело признаваат дека момчето било толку изнемоштено од секојдневните тортури што не дало никаков отпор додека го убивале. Неговите останки се изгорени во киселина со цел да се заличат трагите и секако семејството да нема труп којшто да погребе некогаш.

Џовани Бруска е уапсен во мај 1996 г и е осуден за учество во атентатот на судијата Џовани Фалконе. Во моментот Бруска се наоѓа во затвор со казна доживотна робија.

Сантино Ди Матео, таткото на Џузепе е ослободен во 2002 г и се враќа да живее во Палермо. Во 2018 г, после повеќе од 20 години од убиството на неговиот син, добива 3 милиони евра оштета од Фондот „Антимафија“.

Смртта на Џузепе Ди Матео испраќа јасен сигнал дека мафијата во Италија е најголемиот тумор кој ја јаде земјата.

Треба да се напомене дека припадниците на Сицилијанската мафија се одрекуваат од Бруска, бидејќи тој го прекршува „кодексот на честа“, а таму јасно е запишано дека „жените и децата не смеат да бидат мешани во пресметките на мафијата“.

„Се надевав дека Џузепе ќе се спаси од тој пекол. Многу ги сакаше животните и сакаше да стане ветеринар. Откако го киднапираа знаев дека моето дете нема да се врати дома. Кога луѓе како нас станат жртва на такви криминални активности, нивните најблиски никогаш не се враќаат дома “, вели за својот син Сантино Ди Матео.