Кристалина Георгиева (ММФ): Се очекува раст од околу 3% на светската економија
Се очекува раст од околу 3 отсто на светската економија во 2026 година, но ризиците остануваат високи поради енергетскиот шок, рекордниот јавен долг, инфлациските притисоци и неизвесноста поврзана со вештачката интелигенција, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, пренесува 24 часа.
По состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Г-20 во Ешвил, Северна Каролина, Георгиева истакна дека изгледите за раст се подобриле од април, но прогнозираното зголемување е пониско од растот од 3,4 отсто во 2025 година.
Таа предупреди дека глобалниот јавен долг се приближува до 100 отсто од светскиот БДП, додека процесот на намалување на инфлацијата е запрен во многу земји. Дополнителен ризик претставуваат високите каматни стапки и трошоците за сервисирање на долгот, особено за земјите во развој и економиите со ниски приходи.
Георгиева оцени дека инвестициите во вештачка интелигенција го поттикнуваат растот, особено во САД и во економиите поврзани со технолошките синџири, но истовремено ја зголемуваат побарувачката за енергија.
ММФ повика на одржливи среднорочни планови за намалување на буџетските дефицити, структурни реформи и поголема транспарентност во управувањето со долгот.
„Г-20 нуди уникатна платформа за овој дијалог и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме земјите членки“, изјави Георгиева.
