|

Кривична пријава против поранешен директор, заменик директор и вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство за „проневера во службата“

Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против З.А., поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 став 1 од Кривичниот законик.

Покрај него, пријави се поднесени и против Ф.М., поранешен заменик-директор на агенцијата, за истото кривично дело во врска со член 24 – „помагање“, како и против уште пет лица – Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б., сите вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така за „проневера во службата“ во соучесништво.

Според пријавата, во периодот од 2017 до 2020 година, З.А. како директор на институцијата во повеќе наврати неосновано исплаќал повисоки дневници за службени патувања во странство, примајќи 50% одредени дневници, иако според Уредбата за издатоците на службени патувања имал право само на 20%, бидејќи трошоците за сместување и исхрана не биле на товар на агенцијата.

На тој начин, тој се стекнал со противправна имотна корист во износ од 62.530 денари, на штета на буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ф.М., како заменик-директор, со потпишување на решенијата за одобрување на службените патувања, му помогнал на З.А. да ги присвои средствата. Истовремено, Л.У., А.Р. и Е.Т. подготвувале решенија спротивно на Уредбата, додека А.Б. и А.Б. ги одобрувале исплатите и покрај тоа што биле свесни за неправилностите.

Случајот е доставен до ОЈО Скопје за понатамошна постапка.

Слични Објави