Кривото огледало на аналитичарите и новинарите во РС Македониja
Пишува: Д-р Георги Станков/Коридор 8
Покрај измислениот „скандал“ во однос на средбата меѓу шефовите на држави Силјановска-Давкова и Радев, аналитичарите и новинарите (се разбира и политичарите) во нашата пријателска земја го пропуштаат најсуштинскиот момент: со години претседателите на Република Северна Македонија избегнуваат да дојдат во официјална посета на Бугарија.
Искрено кажано, не знаев дека толку луѓе во Скопје се експерти за протокол и дипломатија. Во Скопје врие од ситна политика и кризен ПР, во кој Бугарија повторно е виновна, но перцепцијата за тоа што е примарно, што е второстепено, а што прашина на ветрот е целосно искривена.
Наместо да се вклучат во уште една антибугарска глупост, новинарите и аналитичарите во Скопје можат да размислуваат за сериозното дипломатско прашање „Зошто македонските шефови на држави со години не сакаат да одржат официјални средби на високо ниво со бугарскиот претседател?“.
Последната посета на македонски претседател на Бугарија беше на Ѓорѓе Иванов во 2018 година на покана на Румен Радев. После тоа, Радев го покани и Пендаровски, кој најпрвин прифати, но никогаш не дојде во официјална посета на Софија. Како што знаеме, и госпоѓата Силјановска-Давкова не одговара на предлозите за продлабочени официјални средби, туку се обложува на некаква „културна дипломатија“, која е бегство од сериозни темите, а во пракса е и ветер и магла.
Овде ќе додадам дека не се сеќавам, Пендаровски или Давкова да го поканиле Румен Радев во официјална посета на Скопје.
Во оваа насока можат да работат аналитичарите и новинарите – што ја спречува претседателката на Северна Македонија да ја посети Бугарија во официјална посета. Што ги спречува македонските државници јавно да покажат дека добрите односи со Бугарија им се приоритет и од политички, од економски и од човечки аспект. Ова нека го анализираат аналитичарите во Скопје.
Кога госпоѓата Силјановска-Давкова ќе договори официјална посета на Бугарија, тогаш вознемирените политичари, аналитичари и новинари нека гледаат како државните функционери на Бугарија го пречекуваат шефот на една блиска и сојузничка држава според сите протоколарни и дипломатски правила.
Бугарија е земја со традиции и знае што да прави, може и го прави секогаш кога треба. Кривото огледало не е кај нас.

