Културата на маргините, а министрите со плати од 1.800 евра: Вработените во Министерството побараа повисоки плати
Очигледно во државата се’ уште е на сила онаа народната кучињата лаат, караванот си врви, порачаа вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм барајќи средба со надлежните и зголемување на платите.
Претседателот на Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски вели дека со овој пристап, културата останува на маргините.
„Сведоци сме и на покачување на платите во другите сектори, оние поважните во кои не спаѓа секторот култура. За жал нашиот концепт на мирни протести не допира до свеста на надлежните, што дополнително не мотивира да продолжиме со нашата борба и да ги потикнеме и другите колеги од помалку важните министерства да ни се приклучат во остварувањето на нашата цел, достоинствена плата за вработените. Во наредните денови, ако некој од надлежните, не се предомисли и не не прими, ќе бидеме принудени да се обратиме и до други инстанци, до претставниците на меѓународната заедница и да побараме поддршка за прашањата кои треба да ги решаваме дома“, посочи Костовски.
Како што рече тој, еден министер добива плата од 1800 евра, а еден вработен во државната администрација добива просечна плата од 400 евра.
„Платите на функционерите се четири пати поголеми од платите на вработените во јавниот сектор“, рече тој.
Учесниците денеска шести ден протестираа, а бараат и средба со министерот за финансии Фатмир Бесими. Тие апелираат министерот да го одобри Колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии, ќе добијат зголемена плата во износ од 30 проценти.