КУП НА МАКЕДОНИЈА: ДЕРБИЈАТА НА ЧАИР И ВО ТЕТОВО, КОЈ ВТОРОЛИГАШ ЌЕ ИГРА ПОЛУФИНАЛЕ?

Битката за место во полуфиналето во Купот на Македонија стартува денеска со воведните пресметки од четвртфиналето во најмасовното наше натпреварување, во кое две дербија се на програмата од 13 часот, а еден меч ќе се игра под рефлектори во Штип во второлигашката пресметка од која сигурно е едно – еден второлигаш ќе биде полуфиналист.

Актуелниот бранител на трофејот Академија Пандев пред една недела на Чаир загуби со пресврт со 1-3 од Шкупи, па сега повторно доаѓа на мегдан на чаирчани, кои сезонава играат топло-ладно, па некако пократок им е патот кон Европа преку ова куп-натпреварување и освојување на трофејот за да стигнат до трет европска промоција. Пандевци го бранат пехарот, па денеска за нив најдобро е да останат непоразени, но да постигнат гол за да си ги отворат вратите кон ново полуфинале, иако јасно е дека се очекуваат тврд, неизвесен и возбудлив двомеч во кој шансите барем на хартија се подеднакви.

Шкендија и со силни кризи, со неубедливи настапи, некако дотурка до второто место, но Работнички неочекувано е закован на дното во Првата лига, а сега пред двата клуба е меѓусебна пресметка во која на еден од двата бивши освојувачи ќе остане без еден пехар, а во случајот со Работнички тоа би била петта сезона по ред без трофеј. Тетовци се фаворити, макар денеска не игра првата ѕвезда Бесарт Ибраими, но од дебармаалци се очекува да дадат посилен притисок, па и по можност под Шара да се изборат за резултат кој ќе им овозможи во Скопје да го нападнат полуфиналето. Работнички не памети кога последен пат ја победил Шкендија, ама денеска „романтичарите“ би се задоволиле и со реми, иако во двата меча сезонава загубија (0-3 во Тетово, 1-2 во Скопје). Ако сакаат добар резултат со кој би останале во игра за полуфинале, најмалку што треба да направат е да ја повторат играта од последниот мешусебен меч на кој незаслужено загубија, ама и да си ги реализираат шансите. Од друга страна Шкендија ќе се обиде да стигне до сигурна победа, но и да заштеди сили зашто в недела ги чека второто дерби за титула против Вардар, меч кој не смеат да го загубат, за да не одат на зимска пауза со двоцифрена негатива.

Струга Трим Лум и Ренова ќе се соочат на охридското крајбрежје во третиот пладневен меч од програмата во која ако се суди по формата, стружани се во предност, зашто имаат извонредна серија од седум меча без пораз, победи над Вардар и Шкендија, за разлика од Ренова која е во криза. Двата тима сезонава си запишаа по една победа од меѓусебните мечеви, а пред две години се судрија меѓусебе во Купот во суперинтересен двомеч со девет гола во кои пресуди голот повеќе за „гипсарите“. Нивната победа со 3-2 во Тетово се покажа тогаш како решавачка, откако во Струга ремизираа 2-2.

Во пресметката на второлигашите, Брегалница и Лабуништа се екипи со амбиција во идната сезона да бидат дел од македонската елита, па сооглед дека немаат шанса да играат мешусебе, зашто се сместени во две различни второлигашки групи, пресметката во Штип посебно ќе биде интересна за да се види кој во моментов е подобар сооглед дека и двата тима се второпласирани по есенскиот дел во своите групи.

Реванш мечевите се закажани за 4 март идната година, кога практично ќе бидат познати четирите екипи што ќе се борат за влез во финалето и пресметка за трофејот.

КУП НА МАКЕДОНИЈА, ЧЕТВРТФИНАЛЕ

ОД 13 ЧАСОТ

ЧАИР: Шкупи – Академија Пандев

ТЕТОВО: Шкендија – Работнички

СТРУГА: Струга Трим Лум – Ренова

ОД 16.30 ЧАСОТ

ШТИП: Брегалница – Лабуништа

  • реваншите се играат на 4 март 2020 година

Извор: Спорт1

Слични Објави