|

Лекарската комисија не дала прецизно мислење од што треба да се лекува Леонид, Фондот за здравство вина гледа и во законот

Вината за случајот со младиот Леонид, Фондот за здравство ја гледа во првостепената лекарска комисија која го донела конзилијарното мислење, но и во непроменетиот закон.

Мислењето на лекарската комисија според надлежните во Фондот не е концизно, или како што велат, е речиси празно, бидеќи не ги содржи конкретните побарувања.

„Во конзилијарното мислење добиено од „ТОАРИЛУЦ“ не е наведена интервенција на која што се упатува детето во странство. Наведено е што се очекува ако се замине во странство. Ова е премногу општо и не може да се заклучи која интервенција ја предлагаат. Во една ваква ситуација со вакво конзилијарно мислење каде што не е наведена конкретната здравствена услуга која се бара да се направи, се остава многу широк простор за шпекулации. Поради тоа колегите се оградија и овие прашања ги поставивме до комисијата“, брифираат од Фондот за здраство.

И покрај тој допис како што информираат, добиле нов одговор од клиниката кој повторно не бил концизен и во кој повторно не биле наведени интервенциите кои треба да се направат.

Од Фондот прецизираат дека треба да контакрираат со претседателката на првостепената лекарска комисија за да добијат објаснување од нејзина страна, што било кочењето и која била пречката во клиничката слика на Леонид, за да не биде одобрено од првостепената лекарска комисија лекување во странство.

„Формално надлежната универзитетска клиника доставува предлог конзилијарно мислење за лекување во странство, и таа клиника, тие експерти, треба конкретно да наведат која интервенција треба да се направи. Ова во конзилијарното мислење изостанува“, повторуваат од Фондот за здравство.

Претседателкта на лекарската комисија иако била повикана да го образложи случајот, денеска не се појави на средбата со новинарите.

На прашањето каква е постапката, младиот Леонид да биде испратен на рехабилитација, првите луѓе од фондот прецизираат дека проблемот лежи во Законот за здравствено осигурување.

„Овде проблемот е што законот не дозволува таква промена. И кога законот го исклучува правото за медицинска рехабилитација и за медицински интервенции кои што се од естетски карактер или можат да бидат предизвикани и поради некоја болест како на пример отстранување на дојка, поради рак на дојка, законот не дозволува ваквите интервенции да се плаќаат од страна на фондот како што е и медицинската рехабилитација“, појаснуваат од фондот.

Додаваат дека со децении кај нас, медицинската рехабилитација не била покривана од страна на Фондот за здравство.

„Законот за здравствено осигурување предвидува дека фондот покрива трошоци само за интервенции кои се засновани на медицински докази каде што се лекува одредена болест. Овие дополнителни т.н права на фондот отвораат нови прашања а тоа се капацитети и можноста на финансиските средства на фондот“, прецизираат првите луѓе во Фондот за здравство.



Слични Објави