Доналд и Меланија Трамп во втора државна посета без аналог на Обединетото Кралство
Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна на својата втора државна посета во Обединетото Кралство, што се смета за дипломатски настан без аналог во современата историја, јавува БНР.
Претседателскиот авион слета на аеродромот „Станстед“. Трамп, кој е придружуван од Првата дама Меланија, беше пречекан од новата министерка за надворешни работи на Обединетото кралство Ивет Купер и американскиот амбасадор во Лондон, Ворен Стивенс.
Од аеродромот, претседателскиот пар беше префрлен со хеликоптерот Marine One кон централниот дел Лондон, каде беа сместени во резиденцијата на амбасадорот во Риџентс парк.
Денеска семејството Трамп ќе отпатува за Виндзор, каде ќе започне официјалниот дел од посетата. Заедно со кралот Чарлс Трети, кралицата Камила, принцот Вилијам и принцезата Кејт, тие ќе учествуваат во свечена поворка со кочии низ имотот до замокот Виндзор. Настанот ќе биде обезбедуван од кралската коњаничка гарда и придружен од единици на вооружените сили и три воени оркестри.
Во Виндзор се преземени исклучителни безбедносни мерки. Веќе беа регистрирани протести против посетата на Трамп, а двајца мажи беа уапсени поради користење дронови во забрането воздушно пространство.
За време на дводневната посета не се предвидени средби со јавноста. Во четврток, Доналд и Меланија Трамп ќе бидат гости на премиерот Киер Стармер во неговата провинциска резиденција Чекерс.

