Ленин Јовановски за повлекувањето од преговорите со Арсовска: Не сакав да бидам пречка за договор
Првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, остана на страна од преговорите помеѓу приватните превозници и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Јовановски за „Макфакс“ вели дека очекува исплата на долгот што ЈСП го има кон нив, но и договор најбргу што може.
Прашан дали Арсовска е виновна што тој повеќе не ги застапува приватните превозници во Град Скопје, Јовановски одговори: „Јас лично не сакав да бидам ни како директор ни како ‘Слобода превоз’ пречка во некаков договор со градоначалничката Арсовска“.
Според него, најважни се превозниците и решавање на проблемот, кој трае со месеци.
„Ако градоначалничката има намера ‘Слобода превоз’ да ја елиминира од овие процеси и да го реши проблемот, јас се согласувам. Најважно е во моментот превозниците да се вратат на работа и да им биде исплатен долгот. Доколку постои таков договор, јас во целост се изолирам од процесите понатаму“, додава Јовановски.
Претходно, приватните превозници рекоа дека нема да има нови блокади. Проблемот ќе го решаваат преку дијалог.