|

Лимани: Започна полагањето за лиценци во детските установи по двегодишен застој

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска најави дека започна полагањето на стручните испити за добивање лиценци за работа во детските установи – процес кој беше во застој од 2023 година.

Лимани истакна дека лиценцата е задолжителен предуслов за вработување на воспитувачи, негувателки, стручни работници, соработници и директори во градинките. „Поради нефункционален електронски систем, голем број кандидати не можеа да пристапат кон испитот, токму кога имавме најголема потреба од кадар на национално ниво. Со законските измени овозможивме полагањето привремено да се одвива во хартиена форма, до 1 јануари 2026 година, по што повторно ќе се спроведува електронски,“ рече тој.

Денеска испит полагаат околу 350 кандидати, а до крајот на месецот уште толку ќе имаат можност да го завршат процесот и да се стекнат со лиценца. Министерот нагласи дека сите пристигнати барања се детално разгледуваат и дека секој апликант ќе биде контактиран од Комисијата.

„Со овие измени создадовме услови за нови вработувања и поддршка на младите професионалци кои ќе придонесат за иднината на најмладите генерации,“ додаде Лимани.

Слични Објави