Конаковиќ: Русија го дестабилизира Западен Балкан преку политичари како Додик и Мандиќ
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, изјави дека Русија го дестабилизира регионот на Западен Балкан преку политичари како претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик во БиХ, Андрија Мандиќ во Црна Гора, како и „уште неколку луѓе кои ја подредиле својата политика на интересите на Русија, а не на интересите на Србите на Балканот“, јавува БГНЕС.
„Мојата порака до Русија е – ако ја почитувате БиХ, ако ја почитувате Република Српска, ако ги почитувате Србите во БиХ, оставете ги луѓето да ги бранат сопствените интереси, а не да ги подредуваат на интересите на Руската Федерација. Србите во БиХ треба да влезат во ЕУ“, изјави Конаковиќ за сараевскиот портал Raport.
Тој посочи дека за целите на руската политика ги информирал министерствата за надворешни работи на САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија. Во однос на ставот на Србија и Унгарија дека нема да ја признаат правосилната осудителна пресуда на Судот на БиХ против Додик, Конаковиќ нагласи дека во писмо до тие земји објаснил за „феноменот на грубо мешање на Србија и Унгарија во внатрешните работи на БиХ“.
„Ги предупредуваме да не го прават тоа. Ако тие не ги почитуваат институциите на нашата држава, ние нема да ги почитуваме институциите на нивните држави“, изјави Конаковиќ.
Тој додаде дека ако Србија и Унгарија се вистински пријатели на БиХ, по повлекувањето на Додик од политиката, ќе можат да се насочат кон вистинските интереси на граѓаните. Во врска со неодамнешните изјави на Додик за британскиот шеф на дипломатија Дејвид Лами, Конаковиќ го нарече „националист, фашист и расист“.
За можноста Додик да не ја прифати пресудата на Судот на БиХ, тој предупреди дека таквиот чекор би значел ново кривично дело и би претставувал „обезглавување“ на РС. Тој истакна и дека има силни лобисти во САД, додека, според него, Додик потрошил огромни јавни средства за лобирање без резултати.
Конаковиќ најави дека многу скоро Додик ќе го почувствува ефектот на американските мерки, бидејќи во Конгресот се очекува усвојување на закон за санкционирање на лица кои го кршат Дејтонскиот мировен договор. Според него, иако БиХ во моментов не е приоритет на американската администрација, таа е во фокусот на европските институции.
