ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОД ВЛАДАТА БЕСПЛАТНИ ГРАДИНКИ И ОБРОК ВО УЧИЛИШТАТА, КАКО И СТУДИРАЊЕ БЕЗ ПАРТИЦИПАЦИЈА

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција соопшти дека на Владата ѝ предлага план и мерки за справување со тешкиот финансиски товар за родителите и младите во тешки економски услови и сиромаштија.

„Очигледно е дека Владата нема стратегија за почетокот на образованието и на образовниот процес во основното, средното и високото образование, ниту пак план за работата на градинките. На удар е здравјето на младите и нервите на родителите кои се загрижени поради тоталниот хаос во факултетите, училиштата и градинките.

Министерството за образование нема соодветен план за онлајн настава ниту пак обезбедени доволно добри просторни услови за децата кои физички ќе посетуваат настава, а градинките се со исполнети капацитети со што постои реална опасност дека голем дел од родителите нема да имаат можност да ги згрижат своите деца во градинки“, изјави Велика Стојкова Серафимовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ има неколку предлози.

„Владата веднаш да донесе одлука со која ќе се ослободат од партиципација сите редовни студенти запишани во државните универзитети за учебната 2020/2021 година, без разлика во која година од студирањето се наоѓаат. Со оваа мерка се опфаќаат околу 20 илјади студенти. Што значи дека на околу 20 илјади семејства ќе им се помогне да не трпат егзистенцијални штети и да можат нивните деца да го продолжат образованието.

Втората мерка е предлог за донесување одлука за обезбедување на бесплатна храна во училиштата и за сите ученици. Со оваа мерка ќе се опфатат сите ученици кои посетуваат настава во училиштата, а станува збор повторно за неколку десетици илјади.

Третата мерка се однесува на децата кои посетуваат градинка, бројка од околу 30 илјади дечиња, чии родители немаат услови да ги чуваат дома, а од таа причина е потребно да ги пратат во градинка. Со цел да се помогне на голем број семејства, во кои има и голем број на родители кои го изгубиле своето работно место, бараме бесплатно згрижување на децата во градинките“, рече Стојкова Серафимовска.

Таа додаде дека ја повикуваат власта, како што рече, да ја надмине суетата и да пристапи кон итна реализација на овие предложени мерки, кои ќе значат помош за околу 100.000 семејства во Македонија.