Љ. НЕШКОВ (БГНЕС): „ЛАЖНИТЕ ПАТРИОТИ ВО СКОПЈЕ ЌЕ ЖАЛАТ ЗА БОРИСОВ, ЗАХАРИЕВА И КАРАКАЧАНОВ“

//

Директорот на бугарската новинска агенција БГНЕС Љубчо Нешков во изјава за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 истакна дека „патриотите“ во Скопје напразно се надеваат на промена во политиката на Бугарија кон Македонија, потенцирајќи дека тие ќе жалат не само за Борисов туку и за Захариева и за Каракачанов.

„Видете сега се смета на тоа дека е возможно да има промена во политиката на Бугарија ако на власт дојдат нови сили. Новите сили се околу претседателот Румен Радев. Јас можам да ви кажам дека тоа е една голема илузија и нова лага за македонските граѓани. Јас лично бев присутен на средба пред неколку дена кај претседателот Радев, токму за тоа прашање. Таа средба продолжи неколку часа и можам да ви кажам дека во Скопје сите тие патриоти многу, многу ќе жалат не само за Борисов туку и за Захариева и за Каракачанов“, изјави првиот човек на бугарската новинска агенција БГНЕС Љубчо Нешков, во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Според Нешков, Македонија изгубила „две златни години“ во чекање наместо да реши многу прашања и да отвори голема перспектива пред своите граѓани.

„Мислам дека Македонија загуби две златни години во кои можеше да реши многу прашања и да отвори една голема перспектива за своите граѓани. Но така е секогаш кога имате работа со лажни патриоти, вие губите многу. Гледам дека во последно време продолжуваат да се коментираат прашања во Македонија кои воопшто не се актуелни во односите помеѓу Скопје и Софија. На што мислам? Мислам на тврдењата на македонските патриоти дека не го даваат јазикот, идентитетот, нацијата“, вели Нешков.



Првиот човек на БГНЕС истакна уште дека никој во Бугарија не се интересира од македонскиот идентитет и јазик и подвлече дека од Скопје се бара само исполнување на договорот од 2017 г. Нешков додава уште дека со објави како оние од институтот IFIMES во кои Бугарија е претставена како фашистичка земја, а Борисов и Меркел како фанови на Третиот рајх, перспективата на Македонија за позитивен развој е блиска до нула.

„Никој во Софија не се интересира ниту за вашиот идентитет, ниту за вашиот јазик. Бугарија тоа што сака е да се исполни Договорот од 2017 година. Ме зачудува и уште нешто, после катастрофата на политиката на Скопје да се смета на некаков притисок од надвор, продолжува и во овој период. Како пример ќе ги дадам скандалните објави на институтот IFIMES кадешто Бугарија заедно со Германија беа посочени како фашистички земји, а Борисов и Меркел како фанови на Третиот Рајх. Со такви работи нема да стигнете многу далеку и 100 избори да поминат. Перспективата за Македонија ќе биде блиска до нула“, вели Нешков во изјавата за „Трилинг“.

Претходна статија

(ВИДЕО) ИМА 5000 ПАТИ ПОГОЛЕМА ВЕРОЈАТНОСТ ДА УМРЕТЕ ОД КОВИД-19, ОТКОЛКУ ОД ВАКЦИНАТА ПРОТИВ ВИРУСОТ

Следна статија

ЗАТВОРАЊЕТО НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ДОБРА МЕРКА ПРЕД ПРАЗНИЦИТЕ, СМЕТААТ НАДЛЕЖНИТЕ

Најново од Вести

Заев и Бочварски на патот Пробиштип-Крупиште: Изградбата и рехабилитацијата на патиштата е приоритет заради поврзување на регионите и за побрз економски развој

Голем број инфраструктурни проекти се изведуваат со засилено темпо и да ги испочитуваат роковите за исполнување