|

ЛОШИ СЦЕНАРИЈА ЗА ТУРИЗМОТ: СЕ ПРЕДВИДУВА ЗАГУБА ОД 2000 ДО 20000 РАБОТНИ МЕСТА

На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат најмалку шест месеци до една година да се опорават ако епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на 2020-та, покажува најновата студија за ефектите од КОВИД-19 во која беа вклучени Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, јавува Канал 5.

Како што беше речено на денешната презентација на студијата, за секторот туризам и угостителство следува долг и многу тежок процес, а можни се две сценарија. Според првото, ако кризата заврши до крајот на оваа година, зависно од ефектот на економнските мерки што ќе бидат преземени, отпуштени би биле од работа 2.000 – 12.000 лица, падот на приливот од туризмот ќе биде преку 200 милиони долари или над 50 отсто од планираните проекции, а опоравувањето (што подразбира враќање на нивото од 2019 година) би било во 2023 година. Според второто сценарио, пак, ако кризата трае и по 2020 година, ќе згаснат 4.000 – 20.000 работни места, падот на приливот ќе биде преку 80 отсто, а опоравувањето може да се очекува во 2027 година.

-Загубите се огромни. И според првото и според второто сценарио од планираните 500 милиони долари промет, сега очекуваме под 250 милиони и тоа ако кризата заврши веднаш, но не е исклучено во второто сценарио кое не е далеку падот да биде над 80 отсто или да имаме историски најнизок промет од туризмот, под 100 милиони, може да се очекува огромен пад. Не може во моментов прецизно да се каже, ова се само релевантни претпоставки, но е за очекување тоа ниво драстично да падне дури и под 80 отсто, истакна ко-авоторот на студијата, Христијан Џамбазовски.

Според него, ако кризата до јуни биде под контрола, ако нема протоколи и летовите почнат редовно да сообраќаат во јули, падот на туристички пристигнувања на почеток би бил 50 отсто. Од септември би почнало стабилизирањето, но ефектот на крајот од годината сепак би бил намалување од над 50 проценти на странските туристи.

Секторот бара да продолжи субвенционирањето на плата од 14.500 денари и за јуни 2020 година, работодавачите да се ослободат од исплата на К-15 за 2020 година, одобрените бескаматни кредити да бидат во висина на прикажаните трошоци во завршната сметка, а нивното враќање да почне на 01.06.2021 во висина од прикажаните трошоци 2019 година, бараат компаниите од секторот туризам и угостителство.

-Во услови на економски шок исплатата на К-15 е големо оптоварување за претпријатијата. Затоа препорачуваме работодавачите да бидат ослободени од исплата на К-15 за тековната година, стои во студијата.



Слични Објави