Лудва: Реформите се темелот, ако не ги спроведете не можете да одите напред на патот кон ЕУ

/

Чешка отсекогаш била силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот европски пат и среќни сме што за време на нашето претседателство земјата ги почна преговорите со ЕУ, што е долг и тежок процес. Реформите се во основата на овој процес и ако не ги спроведете не можете да одите напред на патот кон ЕУ, кажа чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, на брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека земјава има суштинска потреба да продолжи со реформите. Вели дека тука има два важни елемента, еден од нив се реформите, а другиот е конструктивен политички дијалог и тоа е она што е суштинско и сите треба да бидат свесни за важноста на европскиот пат тоа е долг пат и сите треба да соработуваат меѓусебе.

Во однос на тоа колку е оптимистична агендата на власта во 2030 година Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели дека никој не може ништо да гарантира, но се е возможно.

Според него, има повеќе опции на масата, а осум години се разумна временска рамка, бидејќи некои земји преговарале подолго, а некои пократко.

Тој рече и дека некогаш се менува и политичката ситуација, но во случајот со Северна Македонија, оценува Лудва, важно е земјава да продолжи со реформите.

-Реформите се темелот, ако не ги направите, не можете да одите напред, дециден е чешкиот амбасадор.

Лудва оцени дека Северна Македонија досега добро напредува со реформите, но мора да го одржи тој чекор.

-Како што ќе напредувате на патот кон ЕУ, така е потешко да имате натамошни блокади кон тој пат. Затоа е потребно пообрување на добрососедските односи, кои започнуваат од долу нагоре, од соработката меѓу невладиниот сектор, оцени тој.



Лудва најави дека како Амбасада ќе организираат неколку конференции за Северна Македонија и добрососедските односи, особено за подобрување на дијалогот со Бугарија, заедно со чешката Амбасада во Софија.

-Ќе имаме неколку конференции, една во Скопје, една во Софија, и една во пограничните градови Петрич и Струмица, фокусирани врз подобрување на дијалогот, подобри соседски односи, размена на искуства со Бугарија која веќе го помина патот за во ЕУ, предностите на заедничкиот пазар меѓу двете соседни земји, особено во полето на трговијата и инвестициите. Првата конференцијаќе се одржи в понеделник во Софија, втората во Скопје на 20-ти октомври, а преостанатие две во Петрич на 31 октомври и во Струмица на 1 ноември, информира Лудва.

Тој од овие конференции очекува подобро меѓусебно разбирање, добри соседски односи и особено размена на искуства во повеќе области, фокусот ќе биде на меѓусебна соработка меѓу невладините организации.

На прашањето како го оценува сегашното ниво на односите меѓу Скопје и Софија, Лудва рече дека ништо на светот не е совршено, но секогаш се може да биде подобро и оти гледа простор за соработка, која што, вели, ќе се обидеме да ја подобриме уште повеќе.

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Секоја институција има обврска да штеди струја Маричиќ не знае досега колку е заштедено

Следна статија

Џафери: Моите одлуки за иницијативите за референдум се исправни

Најново од Вести