ЛУЃЕТО ПИЈАТ СE ПОВЕЌЕ АЛКОХОЛ, СМЕТААТ НАУЧНИЦИТЕ

Вести Забава

Светот во текот на 2017 година испил 10 отсто повеќе алкохол отколку во 1990 година, првенствено поради ширењето на оваа лоша навика во Кина и Индија, објавија научниците минатата недела.

Според актуелните трендови, глобалната потрошувачка на алкохол ќе се зголеми за уште 17 отсто во следната деценија, објави списанието „Лансет“.

„Светот не е на пат кон исполнување на глобалната цел за намалување на штетната употреба на алкохол“, наведуваат авторите на студијата, повикувајќи на поагресивни контрамерки, како што се повисоки даноци и забрана за рекламирање.

Целта на Светската здравствена организација е до 2025 година за 10 проценти да се намали штетната употреба на алкохол.

Алкохолот се поврзува со околу двесте заболувања и е одговорен за три милиони смртни случаи годишно, од кои 75 проценти се мажи.

На глобално ниво, околу 237 милиони мажи и 46 милиони жени страдаат од нарушувања поврзани со алкохолот. Притоа, и за двата пола, највисока е стапката во Европа и Северна Америка.

„Пред 1990 година, повеќе алкохол се консумирал во земјите со високи приходи, главно во Европа“, вели авторот на студијата, Јакоб Мантеј од Институтот за клиничка психологија и психотерапија во Дрезден.

„Но, сега сликата е значително променета. Во Источна Европа се бележи тренд на намалување, но потрошувачката значително се зголемува во земјите со среден приход, како Индија, Кина и Виетнам“, објаснува тој.

Алкохол и натаму најмногу се пие во Европа и Северна Америка. Во Франција, на пример, мажите годишно пијат 19 литри чист алкохол, а жените нешто помалку од шест. Комбинарано, тоа е околу 12,5 литри.

Извор: Макфакс