ЛУЃЕТО, ЖИВОТОТ И ПРИЈАТЕЛСТВАТА

„Балканот е едно прекрасно и идеално место за живеење, во кое што луѓето во него си ја живеат и раскажуваат својата приказна најдобро како што можат и умеат, без разлика на тоа што ќе кажат другите“ .

Хм, почекајте малце, дали зборуваме за реалноста или бегство од истата, бидејќи за жал не живееме во таква средина, каде што секој си го живее својот живот и ужива во истиот без да навреди и повреди некој друг. Можеби, насекаде низ светот е така, но многубројната популација и работата си го прават своето тоа да изгледа како да е идеално место за соживот.

Во денешно време, често ја слушаме реченицата како тоа “сите се раѓаме како луѓе, но ретко кој останува човек”.

Да се биде и да се остане човек во денешницава, подразбира истрајност, доверливост, добрина, љубезност, лојалност и почит -вредности кои одамна се заборавени. Зошто се заборавени, што е тоа што довело да се создаде таква ситуација и зошто ништо не се превзема околу тоа? Безброј прашања, помалку одговори.

Постојано читаме на социјалните мрежи како тоа за да се стекне некој со титулата „пријател”, прво треба да е човeк. Па и оттаму дојде инспирацијата да се напише овој текст. Напис како потсетување на едно убаво време како се живее и другарува кога човекот е со искрена душа и срце, добронамерен,топол, доверлив, љубезен и трпелив. Човек кој ќе работи на пријателството и ќе вложува во него, онолку колку што би вложил во една љубовна врска.Затоа, што пријателството е еден вид на врска, која треба постојано да се чува, заштитува и одржува.

Во минатото, луѓето биле посреќни барем така велат постарите. Имало слога, љубов, трпение, доверба, добрина, почит и култура- особини со кои треба да се краси еден човек во општеството. Луѓето не биле поделени меѓу себе, уморни и распнати помеѓу политички партии и сиромаштија која во најголем процент допринесува во карактерноста на еден човек за да се појават лоши одлики. Секако, сето ова не би требало да претставува изговор ниту пак одредница за лошото однесување кон луѓето и тие што велиме дека ги сакаме, а не се однесуваме така со нив односно, поинаку кажано-залудно  потрошени зборови. Некому зборовите значат се, а некому ништо.

Дали размислувате пред да кажете било што, дали е во ред, дали ќе навредите некого и  дали е вистинско време за тоа?

Еве јас ќе ви кажам, да! Постојано размислувам пред да направам било што, пред да упатам некој збор.Глава ме боли, претерувам, плачам и се нервирам затоа што за мене е важно пријателството, како еден човек, како живо битие и дел од овој чудесен свет. Половина од животот го посветив, обрнувајќи внимание на луѓето кои за мене претставувале се, апсолутно се. На многумина им го отворив својот дом,мојот храм,интима за да им доловам и докажам дека ми значат, некои од нив беа добри луѓе, а  некои не.

На колкумина од вас, ви се случило тоа што ми се случило на мене? И колкумина од вас биле повредени, наидувајќи на бездушници?  

Покрај своите проблеми и обврски, секогаш сум наоѓала време за тие што ги сакам, што сум ги сметала за пријатели и во кои сум верувала дека ќе го сторат истото и за мене. Сум голтала кнедли, сум се воздржувала од одредени коментари, но во најголема мера сум била и сум човек кој е искрен и директен со луѓето. Така ме научиле, јас сум дете од “старата школа”.Можеби сум старомодна, но не знам поинаку. Од секогаш сум била отворена книга, со специфичен стил на живот и токму поради тоа и бев најмногу осудувана. А, зошто? Кога мојот живот е само мој и јас одговарам за него.Зошто одредени одлуки и избори кои сум ги правела да влијаат врз формирањето на мислење за мене? Не велам дека сум светица, ниту пак дека не сум правела грешки и тоа како сум ги правела.Се е дел од животот, така растеме, созреваме и учиме како да живеме и да се помириме со работите кои сме ги направиле. Најлесно е да се осуди, да се изоговара и да се прераскажуваат дезинформации за личноста со која сте се дружеле.За личноста која била  со вас во најтешките времиња, кога никој друг не бил. Што кажува тоа за вас, како луѓе? Зошто едноставно не речете дека времињата се променија, а со тоа и вашите карактери.

Луѓенца, бидете среќни и задоволни со себе. Давајте љубов, за да ви возвратат вам. Животот е еден, зошто да се троши енергија на безвредни работи, кога може да се живее во љубов, среќа, радост?Дајте му хедонизам на животот, уживајте во секоја потрошена минута. Љубете, водете љубов, и живејте!

Автор: Една хедонистка