Системот на Фондот за здравство се враќа во функција: Приоритет е исплатата на плати и боледувања
Функционалноста на системите постепено ќе се враќа, извести попладнево Фондот за здравствено осигурување. Поради сајбер- напад девет дена недостапни беа лични податоци на здравствените осигуреници, а Фондот прво кажа дека се работи за технички пропуст во еден од серверите, а по три дена призна дека базата на податоци е цел на сајбер- напад.
„Фондот потсетува дека анализата на експертските технички тимови утврди дека при сајбер- нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Фондот денеска испрати и известување до сите ЈЗУ и ПЗУ со детални упатства за проверка на осигурениците преку ‘Мој термин’, со што ниеден осигуреник не смее да биде вратен од правото на здравствена заштита. Приоритет е враќањето на функционалноста за исплатите на платите на здравствените работници во Јавните здравствени установи како и враќање на системите на исплата на боледувањата, породилното и рефундациите“, велат од Фондот.
Правото на здравствена заштита на граѓаните не е загрозено, лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата како и издавањето на рецепти од матичните лекари и од аптеките, од Фондот нагласуваат дека се одвива непречено, а усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала.
Сајбер-напдадот и недостапноста на системот на Фондот за здравствено осигурување ги доведе во прашања сите исплати кои одат преку овој систем и им направи проблем и на пациентите и на лекарите изминатите девет дена.