МАКЕДОНИЈА ГО СЛАВИ 24 МАЈ- ДЕНОТ НА СВЕТИТЕ БРАЌА КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Македонија денеска го прославува Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј. По тој повод се одбележуваат низа свечености, а денешниот ден е прогласен за неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Во Македонија празникот за прв пат се одбележува на 11 мај 1860 година според јулијанскиот календар или 24 мај 1860 година според грегоријанскиот, во црквата Света Богородица во Скопје.

Браќата Кирил и Методиј се најмладиот и најстариот син на Лав и Марија, инаку богато византиско семејство кое живеело во Солун. Растејќи во побожно семејство Кирил и Методиј од најмали години биле учени да ги следат начелата на христијанството.

Како високо образовани, браќата Кирил и Методиј биле ценети во византискиот двор од каде добивале одговорни задачи како на пример познатата Моравска мисија која имала за цел ширење на христијанството кај народите во Византија и наметнување на византиската црковна власт.

Кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата во Исус Христос, тогаш на заповед на царот, Кирил и Методиј биле испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата Христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време солунските браќа во Цариград, ја напишале словенската азбука од триесет и осум букви и на тој начин започнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски.

По смртта на Кирил на 14 февруари 869 година и Методиј на 5 април 885 година, мисијата за ширење на христијанството и словенската писменост ја продолжуваат нивните ученици на чело со Климент и Наум Охридски.

24 мај- Денот на солунските браќа Кирил и Медориј се празнува од сите словенски народи. Од 1880 година празникот се наоѓа календарот на Римокатоличката црква, а во 1980 година словенските просветители Св. Кирил и Методиј од страна на Јован Павле Втори се прогласени за копатрони на Европа.