Македонските Бугари меѓу реципроцитетот и заложништвото
Пишува: Владимир Перев
1. Факти
Нејасна е замислата на македонската Влада за нашето, македонско патување кон Европската Унија. Активно и на висок тон се говори за заштитата на правата на “македонците“ во Бугарија, за “свитканата кичма“ и други флоскули, изреченија без никаква важност за решавање на проблемот, туку само за дневнополитичките потреби на оваа власт. Сепак, не е на одмет да се потсетиме на некои дипломатско-политички дејствија во минатото. Имено:
-на 22 февруари 1999 година в София е определено подписването на Декларация за добросъседство между тогавашният премиер Иван Костов и македонският му колега Любчо Георгиевски, Македония се отказва от претенциите си за наличие на македонско малцинство в България
Но тоа не е сѐ:
-со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и република Македонија, потпишан на 1. август 2017 година, Република Македония потвърждава, че нищо от нейната Конституция не може и не трябва да се тълкува, че представлява или някога ще представлява основа за намеса във вътрешните работи на Република България с цел защита на статута и правата на лица, които не са граждани на Република Македония.
До овој момент, сѐ би требало да биде јасно. Во животот никогаш не е така.
2. Ефекти после фактите
Договорот во Македонија не беше добро прифатен. Напротив! Странските разузнавачки структури, олицетворени низ силната политичко-безбедносна и публицистичка српска агентура во Македонија, поткрепени од руската политичка и финансова помош, веднаш го окарактеризираа како “предавнички, понижувачки, асиметричен“ и слично…епитети кои сите ги слушаа и по однос на Преспанскиот договор, но тогаш, истата таа агентура, брзо ги замолкна протестите низ медиите. Пријателството на Грција и Србија, вниманието на Москва кон Атина и интересите на Русија, веднаш дејствуваа во насока на замолчување на отпорот, па сега никој за тоа не говори. Односот кон договорот со Бугарија беше сосема поинаков.
3. Брутален отпор
Историски гледано и читано низ литературата, Србија е исконски непријател на Бугарија и таа никогаш не се потрудила, ни најмалку, да ја прикрие таа своја омраза, тој отворен антибугаризам, расистички и шовинистички обоен. Затоа “српската машинерија“ во Македонија, означувана како “длабоката држава“ кај нас, ги впрегна сите ресурси за одбивање, поништување на Договорот и ставање на Македонија на “мртвиот колосек“ на возот што оди кон ЕУ. Веднаш започнаа вулгарните напади кон Екатерина Захариева и Теодора Генчовска, бугарските министерки за надворешни работи, потоа публикувањето на клеветнички написи против Бојко Борисов, за конечно, бугарскиот претседател Румен Радев да биде навредливо нарекуван “руски пилот“ (со двосмисленото значење на тој збор), обвинуван за живковист, путинист и што ли не друго. Тоа предизвика реакции во бугарското општество, а Парламентот усвои неколку резолуции во поткрепа на бугарските позиции пред Европа, но и пред својата и македонската јавност. Македонската политика реагираше конфузно, нејасно и со евидентен странски диктат.
4. Подземни игри
Секогаш кога се проговори за правата на македонските бугари овде, некои (не)познати лостови, ги придвижуваат барањата за правата на “македонците“ во Пиринско, повикувајќи се на пописите од бугарските комунистички власти. Логиката е дека, ако се бараат права на бугарите во Македонија, тоа ја дестабилизира државата, поточно нејзините односи со Белград, па затоа ние, од Скопје, ќе ги бараме правата на македонците таму…целта е јасна, да се дестабилизира бугарското единство. Не е тука во прашање само Белград денес, тука е наследството од Југославија и Тито и илузијата за “заедничкиот живот“ во распаднатата федерација. И не е само тоа – поголемиот дел од македонските интелектуалци, поточно нивните претци, специјално историчари, правници, филолози и други, образованието и кариерите ги направиле под превезот на југословенството…откажувањето од југословенското наследство, за нив означува откажување од себе сѝ и своите. За да се предупреди, застане тој процес на себепрепознавање и себеоткажување, се вметнува терминот “реципроцитет“, кој последниве месеци се движи како лавина низ македонските пространства. Реципроцитетот е последната сламка да се спаси давеникот, заедно со глупоста “одложена примена на промената на Уставот“, до влегувањето на Македонија во ЕУ. Повеќето од политичарите влегоа во таа стапица на ексјугословените и “длабоката држава“, но актуелниот премиер, “се закопа до гуша“. Од таа работа нема ништо да бидне, нему му се лоши советниците и слаби му се разузнавачите, барем тие работи се јасни.
5. Нашиот глас
Македонските бугари пред претседателот Радев и пред највисоките бугарски раководители, како и пред медиите во Софија, јасно и гласно кажале дека НЕ ДОЗВОЛУВААТ да бидат монета за поткусурување во реализацијата на нивните основни човекови права. Македонските бугари не се согласни на никакви решенија засновани на реципроцитет со правата на “македонците“ во Бугарија. Тоа се други права, друга држава и тамошното, бугарското раководство да си бара начин за нивно разрешување. Ние сме овде ентитет признат од целиот свет, живееме повеќе од илјада година на оваа наша македонска земја, признати од Отоманската империја како Булгар милет, снабдени со соодветни документи за крштевки, венчавки и умирања од Бугарската егзархија…ние постоиме, материјално и документирано. Овде се нашите гробови, овде е нашата историја, минато и иднина…со тоа треба да се сообрази секој политичар во Софија!
6. Идното уредување на Уставот
Прашањето за можноста за одложена примена на промената во Уставот на Македонија, по внесувањето на бугарите во актот, тоа да биде одложено до приемот на Македонија во ЕУ е нонсенс од примордијален тип. Бугарскиот претседател Радев е јасен по тоа прашање, треба само внимателно да се слуша. Некои нешта веројатно не сака да ги каже, но нема пречка работите да бидат уточнети: Македонските бугари задолжително ќе влезат во Преамбулата на Уставот како дел од бугарскиот народ и како конститутивен дел од македонското општество. Потоа ќе влезат и во делот од Уставот, како членови на Координативното тело за односи меѓу заедниците, или како и да гласи тој член. Конечно, Преамбулата на Уставот ќе се преработи и конститутивните народи во Преамбулата ќе бидат подредени по азбучен ред, а не како до сега, по пат на мајоризација, или “кој прв стигнал, прв услужен“. Само по овие промени, Македонија може да ја почне првата меѓувладина седница со ЕУ.
7. Темни перспективи
Јасно е кој ги советува македонските политичари за правата на “реципроцитет“ и одложеното примање на македонските бугари во Уставот. Само не е јасно, како оваа влада си дозволува, релативно голема бројка на свои граѓани да ги стави во заложништво, заради интересите на некоја странска сила. Дали македонските бугари се евреите во Европа од времето на Холокаустот, па некој ќе може да се пазари со нивните права во држава која пледира дека е демократска. Премиерот Мицкоски нема право да ги става на “кантарот на размената“ на права, за да не се случи некој ден, да бидат ставени на “кантарот за право на живот“ наспроти нереализираниот реципроцитет во Пиринско. Кон таа можност оди јазикот на омраза низ медиумите…бугарите во Македонија стануваат пречка на развојот на државата, толку реално, колку што евреите биле пречка за развојот на Германија. Ако Мицкоски и неговата влада навистина мислат така, тогаш е време за преиспитување на целото македонско општество.
Македонската дипломатија е лицето на земјата пред светот. Доаѓа времето кога дипломатите треба да му го одземат на Премиерот и целата Влада правото да утврдуваат заложништво на своите граѓани, по однос на правата на граѓани на трети држави, кои никогаш и не биле македонски државјани!
Тоа Европа нема да го прифати!