МАКЕДОНИЈА И ДВАПАТИ ДА ПОБЕДИ, ПАК МОЖЕ ДА БИДЕ ЕЛИМИНИРАНА ОД ЕП!

Мразот е скршен, планот е остварен, Македонија почна со победа на Европското ракометно првенство во Австрија, Шведска и во Норвешка. Со неа секако дека си ја олеснивме мисијата „пласман понатаму“, меѓутоа математиката вели дека не е така едноставно.

Во оваа група наречена „секој може против секого“, можно е на крај да решаваат чудни кругови и математики, а една од нив вели дека Македонија може да не продолжи во втората фаза од првенството дури и ако забележи две победи.

Тоа може да се случи, ако утре загубиме од Чешка, а втората победа ни биде против Австрија, во вторник, со неповолно гол-разлика. Под претпоставка дека во меѓувреме и Чесите и Австријците ќе си ги победат Украинците, тогаш сите три репрезентации би имале по четири бода и секој би имал по една победа и еден пораз во меѓусебниот круг (Австрија синоќа славеше над Чешка). Репрезентацијата со најслаба гол-разлика во тој круг од трите селекции би отпаднала од ЕП.

Ако, пак, ја свртиме оваа теза оптимистички, тогаш ќе гласи: ако победи утре против Чешка, Македонија ќе се пласира во втората фаза од ЕП!

Тогаш само би останала борбата со Австрија во последното коло, за тоа кој да биде прв во групата и кој да пренесе два бода во новоформираната група.

Секако, ова се најсувопарните сценарија, без да навлегуваме во други варијанти, како на пример нерешено против Чешка, што би ја активирало и лошата гол-разлика од мечот со Украинците (26-25). Се разбира, такви сценарија од сенка се и потенцијални бодови на Украина со некој од останатите две селекции, нешто што би претставувало добра услуга за нас.

Денеска е слободен ден и затоа дозволени се математики, додека ракометарите се рекуперираат, гледаат видео од Чешка и коваат тактика за утре во 16 часот, за кога е закажан почетокот на натпреварот.

Извор: Спорт1